Ако продолжи загрозувањето на Охридското езеро, за 10тина години ќе почне исчезнување на ендемични видови
Охридското езеро е под огромен притисок од човекот. Неговата деградација денеска како никогаш порано е изразена преку интензивната урбанизација и недостатокот на правилен менаџмент на отпадните води. Тоа се клучните проблеми кои треба да ги решаваат централната и локалната власт доколку сакаме да го зачуваме еко-системот на најастарото езеро во Европа и едно од 12те такви на број во целиот свет, сметаат научниците.
„Почнувајќи од 1950 годинa кога се уништија блатата со програмата против маларија е започнато деградирањето, но денеска деградацијата на езерото е поинтензивна поради големата урбанизацијата која е клучен проблем за езерото и недостатокот на правилен менаџмент на отпадните комунални и индустриски води. Тоа е клучното нешто што секоја власт, независно дали централна или локална, првото нешто што треба да го решат е токму менаџирањето на отпадните води и вториот проблем е реката Сатеска која внесува огромни количини на седимент во езерото и тоа е исто еден голем проблем.“ – изјави Проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија при ПМФ во Скопје.
Загадувањео со отпадни води, урбанизацијата, палењето на трската, намалување на рибниот фонд на пастрмката, појавата на таканаречени инвазивни видови и други негативни појави доведуваат до промени во составот на живиот свет и можат да придонесат за уништување на еден од најзначајните еко системи во светот. Досега не е регистрирано целосно изчезнување на некој од ендемичните видови во Охридско Езеро, но таа опасност е присутна и за краток период состојбата може да стане драматична, вели Проф. Левков.
„Ако продолжиме со вакво темпо на загрозување на езерото, некои проценки се дека за десеттина години би можеле да очекуваме постепено исчезнување на некои ендемични видови. Сепак зборуваме за еден релативно краток временски период од денес. Засега се уште состојбата е стабилна, не е до толку драматична но ако продолжи ваквиот тренд навистина ќе стане стане драматично.“ – вели Проф. Левков.
140 научници од 30 земји од Европа и светот во Охрид разменуваат сознанија за организми кои се биолошки показател на квалитетот на водата, микроскопските алги дијатомеи. Согледувањата на ова поле од најголемите научници од цел свет кои ќе бидат изложени на Конгресот ќе допринесат за зачувување на живеалиштата на тие организми и на водите, а во тој контекст и на Охридското езеро.
„Државата треба да се грижи за водите, тие се од огромна важност и една држава мора да има јасна визија за нивна заштита и јасни граници за уништувањето на природата. Овие организми за кои се зборува на конгресот се биолошки елементи на квалитетот на водата и на нив се работи во рамки на Директивата за води на ЕУ и Македонија би требало да има јасна визија за заштита на нивните живеалишта, односно јасна методологија за отцена на квалитетот на водата, со цел секое негативно влијание да биде оценето.“ – изјави Проф. Марија Глигораудовиќ од Универзитетот во Загреб – Оддел за биологија на Природно математички факултет.
„Силикатните алги во Охридското езеро се бројни, има голем број ендемски видови кои укажуваат на староста на овој еко систем кој припаѓа на едни од најстарите тектонски езера во светот, најстари во Европа и многу значајни се Охридското и Преспанското. Секоја држава треба да ги заштити своите води и еко системи. Мора да постои соработка помеѓу државата и научната фела и со одредени закони да се контролира квалитетот на водата и да се одржува еко системот да биде во добра состојба.“ – изјави Проф. Јелена Кризманиќ Биолошки факултет при Универзитет во Белград.
На 15-тите Европски дијатомолошки средби во Охрид се разговара за екологија на води како и улогата и примената на група микроскопски организми алги – дијатоми во различни полиња како одредување на квалитет на водата, влијание на климатските промени, влијание на човекот како и примена на овие организми во нано технологијата и фармацијата.