Skip to main content

Активни пожари во повеќе региони

Од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели, соопштија од Владата на Република Македонија. Забраната ќе трае до нејзино одповикување. Од Национален Парк Галичица, спроведувајќи ја ваквата одлука, соопштија дека преку Галичица е дозволен само транзит по асфалтниот пат без напуштање на истиот. Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување.

 |   | 

Од утрово во земјава стапи на сила целосната забрана за движење во шумските предели, а Владата апелираше до граѓаните да не се движат низ шумските предели заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите. Во НП Галичица дозволено е движење само по асфалтниот пат за транзит.

Пожарот којшто беснееше во Кочанско вчера е локализиран и ставен под контрола. Уште неколку силни пожари се веќе ставени под контрола, неколку се локализирани, информираше денеска В.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Активни пожари има во кумановскиот, струмичкиот, битолскиот, штипскиот и во скопскиот регион, информираа од ЦУК .Во Кочани и Старо Нагоричане беше најдраматично. Девет лица беа примени во болница  поради вдишување чад, кои сега се во добра состојба пуштени на домашно лекување. Покрај многуте хектари изгорена шума, настрадаа и животни, возила, куќи на мештаните но материјалната штета е сепак мала според условите за катастрофа која можеше да му се случи на градот. Пожари има и во Македонски Брод, Валандово, а приоритет на гаснење на огнената стихија во моментов ќе има пожарот во планинските села Костин Дол и Новоселани во Кочанско, како и шумскиот појас меѓу општините Делчево и Пехчево.

Мобилизирани се сите противпожарни сили во критичните зони. Ангажирани се и граѓани доброволци. Од синоќа Претседателот Пендаровски ја мобилизира војската со наредба за тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди. Едно од најефикасните оружја во борбата против огнена стихија, воздухопловните канадери наречени „ер трактор“ две години не се во функција затоа што не им е извршен сервис. Тоа предизвика лавина критики од јавноста за нефункционалност на системот за цивилна заштита. Премиерот Зоран Заев синоќа од Кочани кажа дека Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање за да се избегнеле бавните постапки по јавните набавки. Македонија располага со три канадери со капацитет од по 3 тони вода и сите се приземјени. Од воздух засега помош само од хелихоптери кои имаат ограничено дејствување при гаснење пожар. На хеликоптерите на АРМ од денеска во гаснење пожари на помош и четири хеликоптери од Србија. Потврден одговор за помош македонските власти добија и од Словенија и Грција.

Македонија веќе една недела е зафатена од топлотен бран. Синоптичарите го активираа портокаловиот аларм за опасност од високите температури кој ќе остане активен до четврток.