Skip to main content

Анкета твм

Актуелната криза ја продлабочува женската сиромаштија

Врз жените кои се помалку платени, во поголем број се невработени и економски зависни, дополнителен товар е одговорноста за домашните работи и грижа за семејството во услови на инфлација и стегање на ременот за да се истера месецот.
 |  инфодеск  | 
Жени

Нервозно, беспомошно, депресивно и уплашено се чувствуваат жените соочени со ефектите од економската криза. Вакви одговори дадоа граѓанките на анкетата која ја спроведе ТВМ насловена „Кризата низ призмата на родовата еднаквост“. Сите анкетирани, без исклучок, одговориле дека ги чувствуваат последиците од економската криза, а 23,5 % одговориле дека значително ги чувствуваат ефектите од поскапувањата.

Пита жени

На 73,5% од анкетираните инфлацијата им ги променила животните навики во домаќинството во поглед на задоволување на потребите за храна, греење, облека, превоз, социјален живот.  Впечатокот на 79,4 % од анкетираните е дека кризата подеднакво ги погодува и мажите и жените наспроти 20,6% кои одговориле дека последиците се поголеми за жените.

Пита жени

Експертот од областа на родовата еднаквост, м-р Даниела Антоновска посочува дека секоја криза има огромен потенцијал да ги продлабочи социјалните јазови во општеството. Жените се поизложени на ризик од сиромаштија и социјална несигурност, поради јазот во платите меѓу жените и мажите, а според статистиката во поголем број се невработени и економски зависни.

Феноменот на феминизација на сиромаштијата е актуелен и во европски рамки, како и кај нас во наши рамки и е поврзано со професиите коишто жените ги имаат, платеноста, бидејќи доминираат во оние најниско платени професии, што понатаму се рефлектира во пензииите и се тоа придонесува за продлабочување на сиромаштијата – вели Антоновска.

Даниела Антоновска

Кај нас податоците говорат дека повеќе од половина од жените на работоспособна возраст се економски неактивни, за разлика од мажите каде 30% се економски неактивни. Според статистиката, покрој родовиот јаз во вработеноста и јазот во платите е висок, односно мажите имаат за 19% повисоки примања.  

На анкетата на ТВМ, 85,3% од жените одговориле дека се вработени, но од нив дури 35,3% работат за минималец од 18000 ден. 20,6% имаат месечни нето примања до 25 000. Само 17 % остваруваат приход од 25 илјади до 30 илјади и над 30 илјади денари.

Пита жени

Ако имаме предвид дека жените имаат подолг животен век, тоа значи и дека работат во оние индустрии кои се помалку платени и оние сектори како што е на пример текстилната индустрија која е доминантно женска индустрија, потоа секторите како образование, здравство и социјала кои исто така се претежно женски сектори. Тука платите се пониски и следствено на тоа и пензиите се пониски, а жените имаат подолг животен век, па така ние добиваме голем јаз во економската состојба – посочува Антоновска.

Статистиката покажува дека под ризик од сиромаштија се 78.4% од еднородителските семејства со малолетни деца. Ако се знае дека самохраните родители се претежно жени, добиваме висок процент на жени засегнати од сиромаштијата, потенцира Антоновска.

На прашањето „На што штедите поради економската и енергетската криза?“ скоро половината од анкетираните жени одговориле дека штедат на се. Потоа најбројни се одговорите дека најмногу се штеди на струја, храна, облека и социјален живот. Голем број од анкетираните навеле дека штедат и на производи за хигиена, нега и козметика.

Јас би спомнала уште еден проблем од минатите истражувања кој жените го посочија, повисоката цена на производите за лична хигиена и нега, производите поврзани со менструалната хигиена за кои кај нас данокот изнесува 18%, а во одредени европски земји изнесува 5%. Станува збор за еден т.н. розев данок кој уште повеќе придонесува за осиромашување на жените. Но еве сега има најава од Владата за намалување на оваа даночна стапка од 18% на 5% за овие производи. Така што навистина имаме голем број на домени во кои се засегнати жените – вели Антоновска.

Енергетската и економската криза го зголемуваат товарот на жените врз кои, поради културните и социолошки фактори, во најголем дел е одговорноста за домаќинството и грижа за семејството без оглед дали се вработени или не. Затоа неопходно е подигнување на свеста за вредноста и придонесот на неплатената работа на жените, вели Антоновска.  

85,3% од жените кои одговориле на анкетата на ТВМ се од Охрид, на возраст од 36 до 55 години (79,4%). Анкетата ТВМ ја спроведе во месец јанури преку алатката Engaged Citizens Reporting.