Skip to main content

Светско природно и културно наследство

Албанија и Македонија не изготвија план за спроведување на препораките на УНЕСКО

Албанската и македонската влада се уште не го изготвија заедничкиот план за спроведување на препораките на Унеско. Според експертите потребни се итни мерки за изработка на стратегија и комуникација помеѓу сите актери на целиот слив на Охридското Езеро. Состојбите со природното и културното богатство на Охридскиот Регион ќе се истражуваат на почетокот на идната година.
 |  инфодеск  | 
Охрид градба езеро

Албанската и македонската влада се уште не изработија заеднички план за спроведување на препораките на Унеско. Временскиот рок притиска, а изминатиот период не е евидентиран ниеден значаен чекор за зачувување на статусот Светско природно и културно наследство.

Останаа проблемите со заштитата на шумите, реките и загадувањето на еко системот. Според експертите потребни се итни мерки за изработка на стратегија и комуникација помеѓу сите актери на целиот слив на Охридското Езеро.

Нема некој документ подготвен од двете страни. Имаме некои состаноци каде се вели има комитет, за мене овој не е функционален не е според законот, не може да функционира и нема капацитет – вели Ариан Мероли од Меѓуграничниот биосферен резерват.

Експертите очекуваат уште еден поразителен извештај од мониторинг мисијата на Унеско во февруари.

Фактот што нема отворени состаноци со сите актери на ниво на регион, нема ниту еден документ да дискутираме каква е ситуацијата, не е нешто позитивно. Ќе имаме пак препораки мислам дури и повеќе од последниот извештај – вели Мероли.

Состојбите со природното и културното богатство на Охридскиот Регион ќе се истражуваат на почетокот на идната година. По девет месеци задоцнување, земјава одговорила на барањето на Бернската Конвенција меѓународни експерти да го посетат регионот на УНЕСКО и на терен да ја констатираат состојбата.

Новинар : Соња Рилковска