Албанија ќе и ги врати на Македонија незаконски изнесените икони
Владата го утврди Предлог законот за ратификација на Договорот за соработка со Република Албанија, за враќање на незаконски изнесени икони од земјава и одлучи да го достави до Собранието.
Со ратификацијата на Договорот, според образложението од Министерството за надворешни работи, исклучително вредното културно наследство, за кое што претходно се договорија двете соседни земји, ќе биде вратено во Македонија.
Ова ќе ги продлабочи и унапреди културните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и ќе ја манифестира сериозната посветеност на двете држави во ефективната заштита на културното наследство и имплементацијата на меѓународните конвенции од оваа област, велат од владата.
Станува збор за непроценливо културно историско богатство, кое земјава една деценија се обидува да го врати дома.
20-тина вредни икони кои датираат од доцен 18 век и од 19 век однесени од црквите во селата Радожда, Буринец и Селце, албанската полиција во 2013-та година ги заплени во Тирана. Иконите од повеќе зоографи, меѓу кои доминираат дебарските Дичо зоограф, Аврам Дичо, Серафим зоограф, се чуваат во музеи во Тирана. Неодамна биле идентификувани уште 40 икони украдени од цркви во струшко, ресенско и дебарско.
Но овие досега идентификувани 60-тина икони и артефакти се еден мал дел од се она што е изнесено од државата. Претпоставките на стручни лица се дека повеќе од 1000 вредни икони се украдени од црковните објекти во Западна Македонија.