Алцхајмер и деменција – чувајте ги социјалните контакти бидејќи тие го чуваат мозокот
Деменцијата со Алцхајмеровата болест како нејзина најчеста форма, е чумата на 21-от век. Во светот на секои три секунди се дијагностицира нов пациент со Алцхајмер. Пациентите доаѓаат на доктор во подоцнежна фаза кога ќе настапат веќе видливи симптоми, но тоа е болест која трае долго и прогресира и не може со сигурност да се тврди колкава е преваленцата во популацијата.
„ Сè почесто и почесто во амбуланта ако имам дваесет пациенти во денот прегледи сигурно едно три, четири ќе дојдат со деменција. Тоа не се нови пациенти. Меѓутоа ќе дојдат за препис на терапија, ќе дојдат за побарување на нели права што им следуваат од социјалната сфера, кои прво треба да дојдат кај нас за потврдена дијагноза. Така да, за жал, сè почесто и почесто се сретнуваме со таква дијагноза. “ – вели д-р Јулија Василеска, психијатар во Општа болница Охрид.
Деменцијата е претежно болест на старата популација и во 85% од случаите се јавува над 65 годишна возраст. Но има и случаи на рана деменција, од кои дваесеттина и во Охрид кои се под 65 годишна возраст и истата е потешка форма на болеста, со побрза прогресија и потешка прогноза. Во современиот стресен и брз начин на живот расеаноста и заборавноста се чести па се поставува прашањето како да се препознаат рани симптоми на болеста.
„Значи, освен деменцијата што е карактеристична, освен тоа што пропадá свежата меморија доаѓа до промена на личност. Значи личноста може да стане или еуфорична или да се повлече или по депресивна, да стане да измени обрасци, да стане понеспретна. Работите што ги завршувала, да не знае да ги заврши, така да не знае. На пример, физиолошко стареењее„Заборавив кај ми е клучот“ а деменцијае„Не знам за што е клучот, за што се користи.“Значи доаѓа до повпечатливо пропаѓaње на личност. Тоа е постепено во рок на неколку години од блага до умерена фаза во умерена фаза веќе е препознатливо затоа што настанува до постојана дезориентација. Таа дезориентација оди првин во простор во време кон личности и на крај кон себе. “- посочува д-р Василеска.
Со напредување на болеста, се јавуваат сериозни невролошки нарушувања, пациентите губат способност за движење, мускулатурата слабее, а често се јавуваат и компликации како аспирациона пневмонија, која може да биде фатална. Раното препознавање на симптомите е клучно, бидејќи терапијата има најголем ефект во почетните фази.
„Терапијата е симптоматска и терапијата делува на пролонгирање на периодот. Да не оди до толку брзо пропаѓање. Терапија за лечење на болеста нема, не постои. Меѓутоа, пак апелирам затоа што ова веројатно ќе оди во медиуми, дека е неопходно на први знаци кога ќе приметат промена на личност, да се дојде порано за да може да се воведе терапија, затоа што кога се помлади подобро ја прифаќаат терапијата. Терапијата има и одредени нели некои несакани дејства и треба постепено да се титрира. “ – вели докторката.
Терапијата се приспособува индивидуално и може да трае со месеци додека се утврди соодветна доза. Таа помага и кај бихејвиоралните и психијатриските симптоми, како агитација, халуцинации, раздразливост и агресивност, кои се особено тешки за семејствата. Дополнително, експертите предупредуваат дека превенцијата треба да започне многу порано, бидејќи повеќе фактори можат да го забрзаат развојот на болеста.
„Дебелина, пушење, прекумерна конзумација на алкохол, висок ЛДЛ холестерол, дијабет, отсуство на депривација на сетила, значи глувост, слепост. Сето тоа значи влијае да ние имаме депривација на сетило. Тука делот од мозокот не се активира доволно дополнително. Губиток на социјални контакти. Пак ќе апелирам повторно за нашите гледачи затоа што ние премногу се затворивме. Ние премногу почнавме да живееме со техника. Техниката ни служи, меѓутоа ништо не може да го замени зборот и социјалниот реципроцитет. Тоа е нешто неопходно за да може да се развие нашиот мозок, да го подриваме интересот и да можеме подолго време да го чуваме свеж нашиот мозок. “ – порачува д-р Василевска.
Деменцијата и Алцхајмер не само што се здравствен проблем за заболените и семејствата, туку се сериозен проблем на општеството. Еден од најголемите предизвици е грижата за пациентите, особено во услови кога сè повеќе стари лица живеат сами. Според д-р Василеска, во земјава недостасуваат соодветни институции и обучен кадар.
„Немаме таков кадар сé уште обучено кај нас. Немаме такви институции сé уште кај нас. Сé се спаѓа на приватните домови, каде што веќе да кажам можеби во Охрид, не во Охрид го имаме Геријатрискиот центар и во Свети Еразмо за чување. Меѓутоа во другите градови гледам во Битола веќе има Дом за домување и за чување, значи каде што се лица кои не можат самостојно да живеат, кај кои веќе се нарушиле функциите, а сепак се на нозе, не се приковани за кревет, можат да си го организираат својот живот таму, така што може да треба да се формираат и повеќе дневни тријажни патронажни сервиси. “– вели д-р Василеска.
Денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во рамките на проектот „За поубав свет“ во соработка со Лајонс клубот „Деница“ од Охрид, се одржа трибина на тема: „Алцхајмер и деменција – тивките крадци на спомените.“ со цел едукација и подигнување на свеста за оваа болест.






