Алергиите земаат се поголем замав
Зголемен бројот на пациентите во охридската алерголошка амбуланта. Причина за тоа е топлото време и малото количество на врнежи. Најзастапени се поленозните алергии.
Алергиите заземаат се поголем замав. Годинава поради високите температури и малото количество на врнежи на дожд и снег бројот на пациенти со поленозни алергии во охридската алерголошка амбуланта е зголемен за седум проценти. Тие доаѓаат да се лекуваат тука и од другите градови во државава.
-Синот имаше проблеми со алергија уште пред две години. Киваше, му отекуваше носот и очите. Долго време немавме решение и примаше антибиотици. Ние сме од Дебар и не упатија да дојдеме тука. Сега син ми е многу подобар бидејќи прима соодветна терапија, вели таткото на еден пациент.
Алергологот Љубица Андоноска вели дека алергијата е болест на современиот свет и пред се се должи на се поголемата аерозагаденост. Најзачестени алергии се поленозите кои најчесто се јавуваат во март, април и мај. Но оваа година имаме исклучок поради топлата зима па голема концентрација на полен имало и во месец февруари. Најзастапени поленозни алергии се оние кои се предизвикани од полен на дрен, елка , смрека, леска, евла, бор и бреза. Во алерголошката амбуланта во Охрид изработен е поленов календар според кој точно се знае кој полен кога е застапен и до кога трае. Ваков календар има само кај нас и во Скопје, а тој во голема мера им ја олесанува работата на алерголозите. Д-р Андоноска вели дека многу значајно за рано откривање и правилно третирање на алергиите е и соработката со матичните лекари.
–Се прават алерго тестови и врз основа на тоа што е најдено ќе видиме на поленската карта до кога ќе трае тој полен до тогаш се дава терапија. Доколку пациентот интензивно кива, му солзат очите, кашла а при тоа нема друг наод, нема покачена температура најверојатно се работи за алергија. Лековите кои се даваат се соодветни и има позитивен резултат. Во случај на алергија во никој случај не се даваат антибиотици, вели Д-р Андоноска.
Таа апелира граѓаните во овој период од годината да не ги проветруваат просториите во вечерните и утринските часови бидејќи тогаш влажноста на воздухот е поголема па поленот полесно набабрува и навлегува во домовите. Проветрувањето на просториите и постелината да се прави во попладневните часови. Сугерира да не се пуши во просториите каде има новороденчиња бидејќи тие деца подоцна повеќе страдаат од алергии. Инаку на алергиски реакции се подложни речиси сите старосни структури, но сепак најзастапена е средната популација.
{loadposition content9}