Марија Петровиќ, Амбасадор на Република Црна Гора, при вчерашната посета на Охрид оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков. Во срдечна атмосфера разговараа на повеќе теми. На средбата беа потврдени добрите односи што Општина Охрид ги негува со збратимените и пријателски градови од Црна Гора, Будва и Котор.
Соговорниците се осврнаа и на темите за развој на туризмот и промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација. Беше разговарано и за зачувување на животната средина, заштита на Студенчишкото Блато и состојбата со Колекторскиот систем на Охридското Езеро. Градоначалникот и амбасадорката разговараа и за можностите за соработка во делот на подготвување на проекти, како и за економска соработка со организирање на регионални економски форуми помеѓу малите бизниси од Македонија и Црна гора.
Исто така, градоначалникот и амбасадорката разговараа и за соработката што Охрид ја има со црногорската општина Котор и за размената на искуства со УНЕСКО. Заеднички се сложија дека Организацијата на градови со светско културно наследство (OWHC) треба да продолжи со своите активности и да се организира средба во Охрид помеѓу градоначалниците од градовите кои се дел од оваа организација.