Ќе се анализира загадувањето кое го предизвикуваат реките Сатеска, Велгошка и Коселска
Гаус институтот за нови технологии заедно со Еколошкото друштво „Грашница“ и партнери од Албанија во наредните осум месеци ќе ја следат состојбата во реките кои се идентификувани како системски загадувачи на Охридското Езеро.
Реките Коселска, Сатеска и Велгошка идентификувани како системски загадувачи на Охридското Езеро. Главната причина според еколошкото друштво „Грашница“ се пестицидите и вештачките ѓубрива кои земјоделците по течението на овие реки ги користат. Екологистите од „Грашница“ заедно со „Гаус институт“-Фондација за нови технологии како и Институтот за еколошки политики од Тирана ќе го следат загадувањето токму од овие три реки, но и реките од албанска страна кои се вливаат во Охридското Езеро.
Воедно, во рамките на проектот „Инцијатива за одговорно планирање и управување со водите кои се користат во земјоделството во басенот на Охридското Езеро“ ќе се изработи и веб страна на која секој граѓанин ќе може визуелно да ја следи состојбата со загадувањето во езерото, имајќи ја предвид неодамнешната информација за екстремно лошиот квалитет на водата во Охридското Езеро при последните мерења.
„Ќе може да се увиди состојбата на различно параметри, од температурата, нитрати, фосфати, параметри кои ги следи Хидробиолошкиот Институт и без никакво познавање на биологија, хидрологија и да има експертиза од областа на загадувањето, ќе може визуелно да следи на самата мапа на Охридското Езеро што се случува на тие мерни места. За жал, се случува некое загадување на фактори за кои што се смета дека се инцидентни фактори, како она загадување кое го споменавте, тоа е најверојатно од некој инцидентен загадувач, но има и системски загадувачи, а тоа се најчесто реките кои се вливаат во езерото.“-вели проф. Д-р Игор Неделковски-„Гаус институт“-Фондација за нови технологии.
Според Ѓоко Зороски, од Еколошкото друштво „Грашница“, најголемиот проблем е загадувањето од земјоделските активности по сливот на овие три охридски реки.
„Сигурно реките се огромен фактор во загадувањето на Охридското Езеро, претежно околу устијата на реките и поблиската околина бидејќи утврдивме на терен дека прекумерно се користат и вештачки ѓубрива и пестициди, но исто така и зголеменото темпо на урбанизација и се поголемиот притисок на крајбрежјето го прави загадувањето да е поприсутно. Ние се надеваме дека со намалување на загадувањето од земјоделските активности, ќе се намали загадувањето на езерото бидејќи тоа навистина носи тешки метали во езерото, разни органски соединенија што директно влијае врз квалитетот на водата во Охридското Езеро и ќе се одрази и во иднина.“-рече Ѓоко Зороски-од ЕД „Грашница“.
Инаку мора да се напомене дека следењето на загадувањето на езерото преку интерактивната визуелизација ќе се прави преку постоечки податоци добиени при претходни мерења извршени во Охридското Езеро од страна на Хидробиолошкиот Институт од Охрид.
{loadposition content9}