Анастазија Жупан на светскиот ден на лицата со Даунов синдром во бистро Корнер приреди изложба на тема цвеќе
Анастазија Жупан на светскиот ден на лицата со Даунов синдром во бистро Корнер приреди изложба на тема цвеќе. Таа се радува на пролета и неизмерно ја сака природата. Родителите апелираат општството да им овозможи на овие лица подобри здравствени и образовни можности.
Анастазија Жупан својата дарба за сликање ја претстави на изложба. Во бистро Корнер таа изложи десетината слики со мотиви на цвеќиња. На тој начин се вклучи во одбележување на денот на лицата со Даунов синдром. Изложбата ја посветува на својата неодамна почината баба Здравка Жупан. Преку веселите бои на своите цртежи таа открива колку го сака животот. Изложбата има хуманитарен карактер и собраните средства сака да ги донира во НВО „Порака Нова“ и да ги израдува децата кои се дел од оваа организација. Анастазија се радува на пролетта, а сака да учи сликарство.
„ Ги сакам убавината, пролетта, природата.Таа ми е најважна. Многу сакам природа. Кога ќе го помирисам цвеќето ми е нејубавото нешто. Ги чувствувам пролетта и убавината. Тоа е голем мотив за мене“, вели Анастазија Жупан.
Анастазија упатува голема благодарност до Анита Гагоска од НВО „Порака Нова“ од која има несебична поддршка.Нејзина голема желба е да работи со Анита и децата со Даунов синдром. Во одбележување на денешниот светски ден на лицата со Даунов синдром се вклучија и Лајонс Клуб – Деница.Тие облечени во шарени чорапчина на симболичен начин ги поддржуваат лицата кои се различни од нас. Јелена Жупан, мајката на Анастазија, член на клубот Деница, е горда на својата ќерка и нејзината креативност со која го најавува доаѓањето на пролетта.
„ Овие деца имаат многу таленти. Некое знае убаво да пее, некое да свири. Анастазија се најде во овие цвеќенца. Сите знаат убаво да се смејат и да не освојат со својата љубов. Често се нарекуваат деца на љубовта. Оној вишок на хромозом кој го имаат го користат да даруваат љубов на сите нас.Ние не треба да направиме многу за овие деца да бидат среќни. Да допринесеме во општеството секој на свој начин“, напоменува Жупан.
Јелена Жупан вели сакаме да ги гледаме поубавите нешта на животот но има и потешкотии. Апелира родителите да ги воспитуваат децата да ги прифаќаат лицата со Даунов синдром, но и останатите лица со посебни потреби бидејќи тоа ќе ги направи подобри луѓе. Повикува институциите да помогнат да им го направат животот полесен и да им овозможат подобри услови во здравствениот и образовниот систем кои за нив се најгорлив проблем.