Андреа Савиќ и Славчо Мургоски од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ најдобри на меѓународниот натпревар во мехатроника и електротехника кој се одржа во Словенија

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“-Oхрид повторно прваци на меѓународниот натпревар во мехатроника, инженерство и електротехника „Балкан јуниор“, кој се одржа на 08.05.2025 година во Велење, Р. Словенија.

Тимот составен од учениците Андреа Савиќ и Славчо Мургоски, ||| година од образовен профил Електротехничар за компјутерска техника и автоматика, под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Сања Јованоска го освои првото место во силна конкуренција од средни училишта од седум држави.


Андреа и Славчо освоија максимум 100% во бодирањето од стручната комисија на теоретскиот дел и на изработката на проектната задача. На второто место беше тимот од Босна и Херцеговина. Третото место го освои тимот од Словенија.

Натпреварот, кој оваа година се одржа по 11 ти пат, го организираше Училишниот центар Велење во Центарот за меѓупретприемачко образование (MIC). Натпреварот ги собра учениците, нивните ментори и претставници на училиштата од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Романија, Македонија, Словенија, Србија и Турција.

Ова е четврти пат со ред ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“-Oхрид да ја освојат првата награда на овој престижен меѓународен натпревар.
„Балкан Јуниор“ е наменет за училишта од областа на мехатроника, инженерство и електротехника, што ја нагласува неговата основна цел – промовирање на техничкото образование и иновациите кај младите. Учеството во вакви настани придонесува за развој на практични вештини, решавање проблеми и тимска соработка, кои се вештини кои се неопходни за успех во современиот свет.