Античката игра “ГО” за прв пат и во Охрид
Двајца млади пионери не само што ја учат туку имаа можност и да се натпреваруваат во оваа мисловна игра надвор од државава. Дел од нивните планови е во скоро време да се отвори и првиот клуб на “ГО” играчи во Охрид па и во државава.
Неверојатни работи низ вековите доаѓале од Кина и се ширеле низ целиот свет. Една од моментално најинтересните е и нивната античка мисловна игра “Веичи”, која има и свое јапонско име “ГО” како и корејско кое гласи “Бадук”. Оваа фантастична игра, се игра и во нашиот град. Станува збор за мисловна игра налик на шахот, а самото нејзино име во буквален превод значи игра со обиколување. Филип и Анастазија Паскали се охриѓаните кои се обидуваат не само да ја запознаат јавноста со оваа игра, туку и да ја популаризираат. А бидејќи истата е скоро непозната во нашите краишта, ќе му дозволиме на Филип малку повеќе да ни објасни околу начинот на игра.
“Со два играчи се игра, две бои црна и бела, има по 180 камчиња. Има многу варијации, има 361 поле таблата, најефективно е да се игра на некое ќоше, на почеток се игра на големо, да зафатиме да обележиме еден вид територија, па потоа деталите да ги обележиме границите. Целта е некоја си војна составена од повеќе борби која на крај е целта територијално да ограничиме поголема територија, кој ограничи поголема територија победува. “-вели Филип Паскали, играч на “ГО”.
Играта е исклучително популарна во цела Европа, а во соседството, веќе четириесет години се игра во Србија. Токму таму, Филип и Анастазија се појавија како првите македонци, и охриѓани кои настапиле на официјален турнир во играта надвор од границите на земјава.
“Од самото пристигнување во Србија бевме одлично пречекани, сите беа позитивни, многу сме задоволни од самиот пречек, а не само од тоа туку и од тоа што веднаш кога стигнавме затекнавме една ситуација каде сите играа, сите беа внесени во играта, и прв пат нешто такво да видиме. Ние дома сами преку филмови, преку интернет учевме, во живо никогаш не сме се соочиле со нешто такво. Одма уште кога стигнавме седнавме да играме, многу беше интересно затоа што цело време додека игравме доаѓаше по некој кој не поправаше, ни кажуваше како да играме, грешките ни ги поправаше.”-рече Анастазија Паскали, играч на “ГО”.
Идејата на Филип и Анастазија за популаризирање на овој спорт кај нас е за скоро време да формираат охридски тим во “ГО” каде сите заинтересирани ќе можат да ги учат тајните на оваа прастара игра. Токму затоа тие ги покануваат сите млади луѓе од градов, доколку ова што го слушнаа ги заинтересира, да ги контактираат на фејсбук групата Go/Baduk/Weiqi Club-Ohrid па кој знае можеби во иднина да се формира и “ГО” федерација на Македонија, па и нас да не има на некое големо светско натпреварување во оваа интересна игра.