Skip to main content

ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“

Апликацијата TrashPinger на учениците од ОЕМУЦ, достапна за користење

TrashPinger веќе служи за пријавување и расчистување на диви депонии во градот. За оваа апликација ученичката компанија ГринФорс од ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“ се закити со награда прво место за еко претприемачи за 2022.
 |  инфодеск  | 
TrashPinger ucenici

Ученици од средното стручно електро-машинско училиште „Св. Наум Охридски” во Охрид, ја создадоа првата апликација за подигнување и промовирање на еколошката свест.

Апликацијата TrashPinger, ќе послужи како еко-аларм, за пријавување диви депонии во градот, а потоа преку координација со ЈП Охридкси Комуналец и невладините организации нивно расчистување. Младите понудија современа и иновативна можност за зачувување на чиста и здрава животна средина. Идејата е на учениците, а се роди поради тоа што заедно со менторката често организирале еко акции.

„Ние до нашата идеја стигнавме со спроведени 10 еко акции видовме дека многу ѓубре се собира на истите места, откако ќе исчистиме и дојдовме до оваа идеја како еден начин да го решиме проблемот со загадувањето во Охрид” – вели Ана Спироска маркетинг менаџер на компанијата.

„Оваа апликација ја правиме од октомври 2022 година, кога започнавме со Грин тех натпреварот. Грин тек беше натпревар кој што се одржуваше за еко прептрпиемачи и ние освоивме на тој натпревар прво место” – вели Климент Маријаноски генерален менаџер во тимот.

„Задолжен сум за табелите, активниот и пасивниот дел на нашите придобивки и самиот профит на нашата апликација” – вели Дарко Крлески финансиски менаџер на компанијата.

Учениците од втора година од комјутерска техника и автоматика, се закитија со награда прво место за еко претприемачи за 2022 година и се пласираа во најдобрите 25 компании, на Џуниор ачивмент во земјава.

„Откако ние ќе добиеме пријава, ние ја известуваме комуналната служба, еко здруженијата и ние како волонтери можеме да помогнеме во расчистувањето на тој отпад”, вели Александар Спасеноски администратор во компанијата.

„Нашиот тим брои пет членови плус нашиот ментор. Добрата тимска работа е клучот за постигнување успех” – вели Ана Атанасоска менаџер за човечки ресурси.

Интересно е што со пријавувањето на отпад и диви депонии, лицата кои пријавиле добиваат бенефиции, односно попусти за користење на одредени услуги во градот Охрид. Се собираат поени, а се освојува и награда.

„Можам да кажам дека децата самостојно си ги сработија сите работи, јас тука бев како нивна поддршка и координација. Целта на овој проект е да се подигне јавната свест кај населението, колку е важно да внимаваме и да придонесуваме за почист и поубав Охрид“- вели Ирена Ралева Најдевска професорка – ментор на учениците.

Апликацијата TrashPinger е единствена платформа во земјава од ваков тип, а веќе се користи, се’ повеќе корисници пријавуваат диви депонии.

Новинар Соња Рилковска