АППТ најавува нов модел субвенции за домашните тур оператори
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најавува воведување на субвенции за домашните тур оператори. Субвенциите ќе бидат наменети за домашните туристи, кои вонсезонски ќе ги посетуваат туристичките дестинации во земјава.
Целта на овој нов модел е создавање на цени прифатливи за домашните гости, викендите наместо во соседните држави да ги минуваат во туристичките места во земјава. Ова вложување во домашниот туризам се очекува следните две до три години да генерира повеќе од половина милион ноќевања.
Ќе биде за домашните тур оператори кои што ќе бидат за домашни туристички центри, односно ќе биде вон сезона и ќе ги третира за систем на аранжмани од два до пет денови. Всушност ќе ги помагаме се со цел да имаме вонсезонско поголем број на домашни туристи во домашните туристички капацитети – вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за туризам.
Само три отсто од домашните тур-оператори ја продаваат земјава како дестинација. Со субвенционирањето се очекува зголемување на бројот на домашни туристи преку целата година.
Ќе им помогне на нашите тур оператори повеќе да се охрабрат и да закупуваат сместувачки капацитети во текот на целата година, а субвенциите ќе им овозможат малку поголема сигурност, но и предизвик. Поголем број домашни туристи преку аранжмани да ги посетуваат нашите туристички места – додава Јаневски.
За следната година Агенцијата најавува нов модел за субвенционирање на странските тур оператори. Плаќањето да се врши по категоризација, да се зголеми просечниот престој во државата од 3 на 4 ноќевања и цената да биде различна во сезона и вон сезона.
Новинар : Соња Рилковска