Априлијада 2017
Шаренило од маскирани и весели детски лица за денот на шегата, 1 ви април. Денес на градскиот плоштад во Охрид, детскиот џагор ги исполни душите на сите кои присуствувааа на прво априлскиот хепенинг под маски, на кој децата од предучилишна возраст како и првачињата кажуваа шеги и лаги, се слушаше музика, но и се играше и пееше.
Највеселиот ден во годината 1 ви април и годинава ги привлече најмладите. На сцената на охридскиот плоштад како и секоја година се појавија стотици маскирани деца од градинките и основни училишта со најразновидни маски преку кои ја покажаа сета своја фантазија и желби. Принцези и принцови, гусари, морнари, полицајци, Бетмени, Спајдермени, Арапи, сонца, цвеќиња, госпоѓици и што уште не беше дел од прекрасниот амбиент. Се кажуваа шеги и лаги, се слушаше музика и се играше. Исто така така децата уживаа и позираа пред фотоапаратите на родителите, а голем дел од нив и пред нашата камера сакаа да кажат по нешто.
Воспитачките од охридската детска градинка беа соживеани со улогите на децата. Венера Јоноска рече дека прекрасно е да се работи со деца, посебно кога се подготвуваат за некој ден како денешниот.
„Тие со толку радост го очекуваа овој ден, за нив овој ден е нешто волшебно и прекрасно, а ние тоа им го овозможуваме. Многу се радуваме дека ни се приклучија и првооделенците. Заедно се забавуваме. За овој ден се подготвувавме две три недели наназад“
И првоодделенците со нетрпение го чекаа одбележувањето на денот на шегата, вели учителката Елизабета Здравеска.
„Се спремавме два три дена за денот на шегата. Премногу сме весели, среќни расположени играме се смееме, ова на децата им претставува вистинско задоволство“
Годинава Априлијадата 2017 е посветена на децата со аутизам. Нa денешниот хепенинг сите дечиња заедно и се радуваа на пролетта и шегата.