Со арбитража до пократки правни спорови
Засега само мал број на случаи во земјава решени преку арбитража.
Што е тоа арбитража? Ова е поим кој навистина е малку познат помеѓу граѓаните. Ако ве асоцираше на фудбалски меч, па и не сте премногу далеку од вистината. Арбитражата или арбитражното решавање на споровите е всушност еден алтернативен начин на решавање на споровите каде двете странки си бираат по еден арбитар, а еден арбитар назначува и претседателот на арбитражата. Арбитражната постапка се поведува се со цел да се избегнат некогаш и бесконечните судски постапки кои ви го трошат и вашето време и вашите пари. За жал овој начин на решавање на споровите сеуште не е доволно популарен во земјава.
„Бројот на споровите не е така голем како што е предноста на арбитражното решавање во однос на класичното судско решавање. Имаме сега во последно време триесетина случаи воглавно со странски елемент, но од тие случаи ние во последниве неколку месеци имаме спорови со износи од 9 милиони евра, спор со 2 милиони евра, спорови со неколку стотици илјади евра тоа се големи спорови, а предноста на ова решавање преку арбитража пред судското решавање е огромна.“-вели Проф.д-р Арсен Јаневски-Претседател на Македонска арбитража.
Иако не толку популарни за домашните стопански субјекти, нашите арбитри многу попопуларни кај странските стопански субјекти кои побарале помош при решавањето на нивните спорови.
„Најголем дел од случаите, оние што досега се решавани, се спорови со странски елемент. Значи странците веќе имаат доверба во нашата арбитража и во нашите арбитри. И во најголем број на случаи токму тоа кажува дека странските партнери кои што биле тужители пред нашата арбитража ги добиле споровите. Значи станува збор за една институција која што е сериозна, која што е одговорна, која што е непристрастна, која што едноставно со своето работење сака да се наметне и луѓето да имаат верба, стопанствениците да имаат верба во арбитражата кога ќе го доверуваат решавањето на споровите пред арбитража.“-рече професор Јаневски.
Целта на арибитражата е да ви заштеди време, а богами и пари, бидејќи споровите кои се решаваат на ваков начин траат помеѓу шест месеци и една година и се едностепени односно случајот завршува со донесувањето на одлуката. Кај класичното судење пак постапките веќе ви е познато дека можат да одат до недоглед, а на донесените одлуки дозволени се и жалби што уште повеќе ја оддолжува постапката. Арбитражата во нашава земја постои години наназад, но само од 1993 година и со странски елемент односно се решаваат и спорови со странски субјекти. Независно од малата популарност, од Стопанската комора на Македонија сметаат дека токму арбитражата е иднината на македонското судство.
{loadposition content9}