Skip to main content

Ќе се  санира и доистражува  археолошкиот локалитет Манчевци 

Ќе се санира и доистражува археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, каде по обилните врнежи во текот на зимските месеци се појавија оштетувања на потпорните ѕидови. Обезбедени се средства за интервенција, а предвидена е и изработка на проект за поврзување и заедничка презентација на двата дела од локалитетот.
 |  инфодеск  | 

Ќе започне санација на археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, каде зимава обилните врнежи предизвикаа оштетувања на дел од потпорните ѕидови. Министерството за култура  обезбеди средства за ревитализација и конзервација  на просторот, како и  дополнителни  археолошки истражувања, премостување, изградба на нов потпорен ѕид, со што ќе се создадат соодветни услови за достоинствена презентација и промоција на богатото археолошко наследство.


„ Се сруши дел од потпорните ѕидови кон соседните објекти и тоа беше итна ситуација во која моравме да интервенираме. Обезбедени се средства и за таму. Прво треба да се изработи проект со кој ќе се обезбеди едно премостување на двата дела од локалитетот и со тоа ќе овозможиме обединување на двата дела и интегрална презентација на мозаиците што се таму.”
, изјави Горан Патчев – директор на НУ Завод и Музеј Охрид.

Проектот предвидува  трајно решение за заштита на локалитетот и неговата подобра презентација пред посетителите. Обезбедување, илуминација, а со планираното поврзување на двата дела на локалитетот ќе се создаде единствена археолошка целина.


Релативно е нов во туристичката понуда на градот. Еден дел веќе беше изложен, добро осмислен и осветлен и претставуваше голема атракција. Меѓутоа, она што го пронајдовме и на другиот дел, со баптистериумот и прекрасните мозаици, ќе формира една прекрасна целина и атракција за градот”, додава Патчев.

Локалитет „Манчевци”,каде што е лоцирана ранохристијанската базилика со вредни  мозаични површини  е делумно истражен во  2007 година. По конзерваторските зафати и уредувањето на просторот, се очекува  да прерасне во  уште една значајна туристичка и културна атракција во Охрид.

Новинар Соња Рилковска