Skip to main content

Општинско признание „Патрон на градот 2022“

Архимандритот Нектариј добитник на општинската награда Св. Климент Охридски

Архимандритот Нектариј повеќе од 4 децении е монах и духовник на свештенството во Дебарско-кичевската епархија. Во изминатите 30 години со негово залагање манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“ целосно го промени својот изглед и прерасна во прекрасен духовен центар на Охридското Езеро, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.
 |  Валентина Неловска  | 

Архимандритот Нектариј е добитник на највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“-Патрон на градот за 2022 година. Игуменот на манастирот „Свети Наум Охридски “ ја добива наградата за животно дело, за врвни достигнувања во општествениот живот, кои се од особено значење за Општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Земајќи го во предвид предлогот на стручната комисија и општо познатите факти за долгогодишните остварувања и врвни достигнувања за време на неговиот повеќе-децениски јеромонашки чин во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид. За неговото несебично залагање за возобновување на манастирот, кој прераснува во еден од најголемите духовни и културни бисери во Европа. За неговата истрајност во верата и помошта на верниците, за промоција на македонската црква, вера и промоција на културниот и верскиот туризам на Охрид во светски рамки, како и за севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и во светот – кажа градоначалникот.

Архимандритот Нектариј, повеќе од 4 децении е монах и духовник на свештенството во Дебарско-кичевската епархија, како и на многубројниот верен народ на Македонската Православна Црква-Охридска Архепископија. Редактор е на годишниот црковен алманах „Светиклиментово слово“ кој се публикува од 1990 година па до денес. Исто така, учествува во превод на повеќе богослужбени книги кои денес верниците во храмовите на МПЦ-ОА ги слушаат на Македонски јазик. Тој е и лектор на повеќе од 100 наслови кои се издадени од издавачката установа при Дебарско-кичевската епархија.

Со несебичното залагање на архимандритот Нектариј започнува целосна преродба на манастирот „Св. Наум Охридски“. Извршени се низа градежни зафати за изградба на нови манастирски конаци, камбанарии и параклиси, како и за уредување на сите црковни објекти. Извршено е оплеменување и партерно уредување на целиот манастирски комплекс. Благодарение на неговите заложби, во изминатите 30 години, Манастирскиот комплекс целосно го промени својот изглед, прерасна во прекрасен духовен центар на Охридското Езеро, вреден за восхит и огромна почит – вели градоначалникот Пецаков.

Пецаков од свое лично име и од името на граѓаните на Охрид упати искрени честитки до Архимандритот Нектариј, добитникот на наградата, со желби за добро здравје и успешна служба уште многу лета.