Во Охрид се одржа архитектонскиот настан „Антички театар: Адаптивен континуитет“

Во организација на Архрид колектив, на 13 јуни 2026 година на сцената на Античкиот театар во Охрид се одржа архитектонскиот настан „Антички театар: Адаптивен континуитет“, посветен на прашањата за адаптација на заштитеното културно наследство и неговата интеграција во современиот живот.
Настанот имаше за цел да отвори стручна и јавна дискусија за можностите за одржлив развој на културните локалитети, како и да ја истакне важноста на аналитичкиот процес пред реализација на капитални проекти. Посетителите имаа можност да ги проследат предавањата, да ја разгледаат изложбената поставка и да ја набават публикацијата „Антички театар: Адаптивен континуитет“, која ги сумира материјалите и истражувањата што му претходеа на настанот.

Настанот го отвори Симона Чингоска во име на Архрид колектив, претставувајќи ја темата и програмата. Во своето обраќање таа ја нагласи адаптивната трансформација како клучен фактор за долгорочниот опстанок на објектите од културното наследство, посочувајќи го Античкиот театар во Охрид како пример за ваков процес. Беше истакната и важноста од спроведувањето на меѓународниот архитектонски конкурс „УНЕСКО Антички театар“, кој овозможил разгледување на различни концептуални решенија за идниот развој на локалитетот.
Програмата беше поделена во три тематски целини.
Во првиот дел, проф. д-р Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје го презентираше историскиот развој на локалитетот, прикажувајќи ги трансформациите низ кои поминале театарот и неговата околина низ различни временски периоди, сè до неговото повторно ставање во функција и претставување пред јавноста.

Вториот дел беше посветен на регионални искуства во обновата на античките театри. Хрватскиот архитект Емил Јурцан ги претстави предизвиците и процесот на реконструкција на Римскиот театар во Пула, осврнувајќи се на клучните проектантски одлуки и специфичностите на работењето во археолошки контекст.
Во завршниот дел од програмата се обрати германскиот архитект Ларс Вестхоф, автор на второнаграденото решение на конкурсот „УНЕСКО Антички театар“. Тој истакна дека конкурсната тема ја разработувал како магистерски проект на Архитектонскиот факултет во Минстер, Германија. Вестхоф го презентираше своето решение „Lychnidos ex Machina“ и ја нагласи важноста од непосредното запознавање со локалитетот пред започнување на проектантскиот процес.

По завршувањето на предавањата, посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбата која содржеше визуелна хронологија на откривањето на Античкиот театар и селекција од решенијата пристигнати на меѓународниот конкурс. Настанот заврши со неформална дискусија и размена на мислења меѓу учесниците и посетителите.

Организаторите посочуваат дека целокупната реализација на настанот е резултат на волонтерската работа на деветчлен тим архитекти – членови на Архрид: Симона Чингоска, Ева Зовиќ, Анастасија Ристеска, Теа Дамјановска, Филип Спасески, Климент Танески, Стефан Назифовски, Иво Лазароски и Стефан Жупан.
Фотографиите од настанот ги изработи Тамара Џерков, додека дрон-снимките се дело на Теа Дамјановска.
Сите заинтересирани кои не успеале да присуствуваат на настанот и да ја набават публикацијата „Антички театар: Адаптивен континуитет“ можат да стапат во контакт со Архрид колектив преку Instagram профилот @arhrid_collective или на електронската адреса arhridproject@gmail.com.




