Архивата од некогашната детска болница сеуште незаштитена
ТВМ ја продолжува сторијата за документацијата од поранешната Специјална детска болница во Свети Стефан. Државниот санитарен и здравствен инспекторат се изјасни за ненадлежен во врска со состојбата во која се наоѓа важната архива. Здравствените картони и истории на болести кои според закон треба да се чуваат и до 15 год по смртта на болниот гнијат во ходниците на руинираниот објект.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат се изјасни за ненадлежен во врска со документацијата од поранешната специјална детска болница во Охрид. Пред нецел месец ТВМ објави прилог за состојбата со архивата од оваа болница и поплаките од родители кои со години не можат да ги пронајдат историите на болест од своите деца, некогашни пациенти во таа установа. Тогаш од државниот архив на Македонија, подрачно одделение охрид, инаку местото каде требаше да се наоѓа документацијата соодветно архивирана, не упатија до Министерството за здравство како правен наследник на болницата која згасна во 2007мата. Нашите прашања, зошто документацијата не е соодветно архивирана со што не е испочитуван законот за постапување со документација во областа на здравството, во ресорното министерство биле проследени до државниот санитарен и здравствен инспекторат. Директорот др Џевџес Шаќири не информира дека во враска со проблемот со документацијата од детската болница било разговарано на состанок во инспекторатот а одговорот ни беше испратен во допис.
Во дописот од Државниот инспекторат стои дека „овај орган нема надлежност да ги контролира просторните услови за сместување на наведената медицинска документација“.
Законот за евиденции во областа на здравството, предвидува во здравствените установи, основната медицинска документација да се чува 15 години, при што здравствениот картон и историјата на болеста се чува 15 години по смртта на болниот. Согласно законот, здравствените установи се должни податоците да ги заштитат и чуваат, без оглед на формата во која се водат, а во спротивно доколку здравствената установа не ја чува медицинската документација на начин и во рокови утврдени со тој закон предвидена е парична казна во износ од 2000 – 2500 евра за сторен прекршок на установата и од 1500 – 2000 евра во денарска противредност за одговорното лице.
Така вели законот, но од инспекторатот не ни одговорија дали се запознаени дека документацијата во поранешната Специјална детска болница лежи расфрлана по ходниците како ѓубре, во голем дел уништена, дали министерството за здравство како правен наследник на архивата од болницата ќе преземе нешто за заштита на важните документи, кој треба да ја сноси одговорноста за непочитување на законската обврска за соодветно чување и заштита на медицинската документација.
По се изгледа приказната се враќа назад во историскиот архив во Охрид. Инспекторот во архивот, Никола Митровиќ моментално е на годишен одмор. Но во телефонски разговор ни кажа дека детално ќе ги разгледа сите околности во случајот со документацијата од детската болница и ќе излезе со конкретни информации.
{loadposition content9}