Skip to main content

АРХРИД организира архитектонски настан „Антички театар: адаптивен континуитет“

Настанот, кој ќе се одржи на 13 јуни 2026 година (сабота) , има за цел да поттикне дискусија за можностите, предизвиците и современите пристапи во зачувувањето и активирањето на културното наследство, преку размена на искуства и идеи од домашни и меѓународни експерти.
 |  инфодеск  | 

Со цел да се отвори простор за дијалог помеѓу архитектите, институциите, локалната заедница и пошироката јавност за интеграцијата на заштитеното културно наследство во современиот начин на живот, АРХРИД колектив го организира архитектонскиот настан „Антички театар: адаптивен континуитет“, кој ќе се одржи на 13 јуни 2026 година (сабота) во Античкиот театар во Охрид.

Настанот има за цел да поттикне дискусија за можностите, предизвиците и современите пристапи во зачувувањето и активирањето на културното наследство, преку размена на искуства и идеи од домашни и меѓународни експерти.

Програмата започнува во 19 часот со воведно и поздравни обраќања од организаторите. Потоа ќе следи предавање на проф. д-р Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје на тема „Античкиот театар во Лихнид/Охрид низ времето“.

Во продолжение, проф. д-р Емил Јурцан од архитектонското студио „Praksa“ од Хрватска ќе ги презентира искуствата од реконструкцијата на римскиот театар во Пула во периодот од 2013 до 2022 година. Публиката ќе има можност да го проследи и предавањето „Lychnidos ex Machina“ на Ларс Вестхоф од MALM GbR, Германија.

По завршувањето на предавањата ќе следува неформално вмрежување, изложба и коктел, на кои посетителите ќе можат да разменат мислења и идеи со учесниците и организаторите.

Во рамки на настанот ќе биде достапна и публикацијата „Антички театар: адаптивен континуитет“, која заинтересираните ќе можат да ја набават на самиот ден на одржувањето.

Настанот е организиран од АРХРИД колектив со финансиска поддршка од Општина Охрид и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, во партнерство со TerraViva.

Поддржувачи на настанот се НУ Завод и Музеј Охрид, White Lake, SHILLA и MESH.