Артроскопска хирургија на рамен зглоб во Св. Еразмо
Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид воведе нов оперативен зафат – артроскопска хирургија на рамен зглоб. Во изминативе два дена успешно беа оперирани пет пациенти на возраст од 17 до 73 години со застарени комплексни повреди.
За прв пат во јавното здравство се користеа нови современи импланти кои пружаат подобра рехабилитација на пациентите.
Користевме за прв пат во јавните здравствени установи вид на импланти направени исклучиво од сутори од конец, со помал дјаметар од оние кои се стандардно користени. Со тоа автоматски имаме помала инвазивност во однос на коскеното ткиво од претходните импланти – вели д-р Огнен Шешоски, специјалист ортопед.
Пациентите во регионот во иднина нема да патуваат во Скопје за вакви оперативни зафати и нема да се изложуваат на дополнителни трошоци.
Изминатите два дена бевме сведоци на еден би рекол извонредно важен напор за понатамошно навлегување во сериозноста на ортопедската институција. Навлеговме во патологијата посериозно, во однос на рамениот зглоб – вели д-р Љупчо Богоевски, специјалист ортопед.
Операциите ги извршија ортопедите Огнен Шешоски и Александар Стевоски под менторство на лекари од специјалната болницата „Валтодра“ од Словенија.
Новинар : Соња Рилковска