Skip to main content

Локална самоуправа

Асфалт врз шахти на Спас Банџов

Улицата Спас Банџов се поплавува при врнежи од дожд. Асфалтирана е пред еден месец, шахтите се оставени со слој афалт,a улицата станува непроодна. Од Фондот за комунални дејности кратко одговаараат дека изведувачот наскоро ќе го отстрани асфалтот од шахтите.
 |  Валентина Неловска  | 

На улица Спас Банџов со асфалт се покриени повеќе шахти. Улицата доби нов слој асфалт пред неполн месец, а при тоа се асфалтирани и шахтите за одведување на атмосферските води. Станува збор за споредна уличка која ги поврзува улицата Партизанска, кај црквата Св.Никола со кеј Македонија. Жителите реагираат дека при поголеми врнежи од дожд улицата станува непроодна. Дождовната вода нема каде да истекува заради затворените шахти. Тоа предизвикува поплава на улицата и дворовите во пониските делови на семејните куќи, згради и бројните сместувачки апартмани кои ги има на тој потег.

За комуналниот проблем се обративме до ЈП Нискоградба, задолжено за одржување на градската мрежа со атмосферска и секундарна канализација. Добивме одговор дека на оваа улица нема атмосферска канализација, но има шахти кои се прилагодени за прибирање на дождовните води. Атмосферска канализација има поставено на паралелните улици Партизанска и кеј Македонија. За посочениот комунален проблем ЈП Нискоградба се оградува од одговорност.

улица спас банџов

Во писмениот допис велат дека до нив не е пристигнат налог од Фондот за Комунален развој при Општина Охрид за подигање и нивелирање на шахтите. Пропустот го лоцираат кај изведувачот на градежните работи АД „Илинден“.

Побаравме одговор и од Фондот за Комунални работи при Локалната самоуправа зошто дозволиле да останат недовршени работите на оваа улица и кои се членовите на надзорниот одбор задолжени за контрола на изведените работи. Граѓаните плаќаат даноци за квалитетно да бидат завршени комуналните работи, како од изведувачот, така и од контролата од членовите на надзорниот одбор, а не улиците да се под вода и кал. Од Фондот кратко одговорија, наскоро изведувачот ќе ги исчисти шахтите покриени со асфалт, а не добивме одговор на прашањето кои се членовите на надзорниот одбор.