Асоцијацијата „Спорт за сите, сите за спорт“ го одбележа меѓународниот ден на спортот
„Асоцијацијата Спорт за сите, сите за спорт“ со низа активности го одбележа денешниот меѓународен ден на спортот. Тие сакаат секој ден да го направат ден на спортот и ќе се потрудат да понудат многу содржини од рекреативен карактер и врвен спорт во градов.
6ти април со одлука на Генералното собрание на ООН во 2013та година е прогласен за меѓународен ден на спортот. Со тоа му се дава заслуженото место на спортот кој е најголемиот амбасадор во светот и кој ги руши сите бариери и предрасуди. Асоцијацијата „Спорт за сите, сите за спорт“ со низа активности се приклучи кон одбележувањето на овој ден. Организираа спортски настан за сите граѓани, а во ОУ „Григор Прличев“ децата и нивните родители ќе можат да вежбаат аеробик на отворено. Во ланч барот „Ноа“ за повозрасните ќе се промовира ЕХО фестивалот кој е фестивал на планински филм, а утре промоцијата за учениците ќе биде во ОУ „Христо Узунов“. Потоа следува показна вежба со алпинистичкиот клуб „Патагонија“. Активностите завршуваат утре напладне кога Црвен крст од Охрид на плоштад ќе изведе показна вежба за прва помош, бесплатни здравствени прегледи и презентација на здрава храна.
Ние како асоцијација сакаме секој ден да го направиме ден на спортот. Ќе се потрудиме да понудиме многу содржини од рекреативен карактер и врвен спорт во градов. Во овие неколку недели од кога е формирана асоцијацијата добиваме позитивни критики и тоа ни дава уште поголем мотив, вели Иван Цветкоски-претседател на Асоцијацијата „Сите за спорт-спорт за сите“.
Асоцијацијата планира да организира годишни спортски рекреативни настани , односно минимум по еден настан месечно. Граѓаните на тие настани треба само да се појават, а ние се ќе организираме и храна и пијалоци и анимација, а ако одиме на планина ќе има и спасители, вели Цветкоски.
Граѓаните треба само да пристапат во асоцијацијата. Се она што тие ќе треба да го направат е многу помалку од тоа што ќе го добијат. Мислам дека охриѓани се желни за спортски и рекреативни настани само треба некој да ги обедини, објаснува Цветкоски.
Оваа година во организацијата на асоцијацијата ќе има два врвни спортски настани. Еден е веќе закажан , тоа е спортскиот камп кој ќе се одржи во х. Десарет од 7 до 13ти јули, а вториот е аеробик конвенцијата која ќе се одржи на 16,17 и 18 ти септември. Се подготвува уште еден врвен спортски настан, но Цветкоски не сакаше да открие за што станува збор бидејќи не се завршени целосно преговорите. Претседателот на Асоцијацијата вели дека со помош на институциите и поединци сигурен е дека замисленото ќе биде и реаизирано.