Aтмосферата од Божиќните базари од германските метрополи на плоштадот во Охрид
Во пресрет на највеселиот период во годината – Новата година и Божиќ, учениците кои го изучуваат германскиот јазик од основните и средните училишта, ја донесоа магијата на божиќните базари од германските метрополи на градскиот плоштад во Охрид. На украсени штандови со свои новогодишни ракотворби, украси и вкусна храна, како и со музика и танцови точки приредија вистинска празнична забава. Предновогодишниот базар се организира на иницијатива на Здружението на наставници по Германски јазик и книжевност на Македонија.
„Се собравме тука во лулката на македонската писменост и култура да ја споделиме културата и традицијата на народот чијшто јазик го предаваме со цел да ги израдуваме децата во оваа новогодишна магија Идејата ни беше традицијата со предновогодишните божиќни базари од европските метрополи да ја донесеме тука кај нас на македонско тло. Полека но сигурно оваа иницијатива ни станува традиција. Минатата година нашите колеги и колешки ја реализираа успешно зимската приказна во Битола, значи организираа предновогодишен германски базар и охрабрени од позитивниот успех решивме годинава да направиме уште помасовен настан тука во Охрид.“ – изјави Габриела Темелкоска Претседателка на Здружение на наставници по Германски јазик и книжевност.
Иницијативата беше одлично прифатена пред се од дечињата, но и од родителите со чија поддршка и дирекна вклученост се се реализира беспрекорно, вели Ивана Арнаудава, наставничка по Германски јазик во ОУ “Св Климент Охридски” .
„Оваа иницијатива на наша огромна среќа и задоволство наиде на многу позитивни реакции кај родителите и кај учениците кои го изучуваат Германскиот јазик во општина Охрид и околината. Особена чест ми е што го прифатија нашиот предлог за организирање на ваков предновогодишен базар и многу, навистина многу ни помогнаа во изработка на одредени подароци кои овде ќе се делат хуманитарно, ревијално, односно бесплатно за секое дете.“ – изјави Арнаудова.
Организирајќи вакви настани ја поттикнуваме мотивацијата кај учениците за изучување на Германскиот но и воопшто кон изучување странски јазици, вели Ивана Маховска Шикалеска, наставничка во ОУ „Григор Прличев“ и член на претседателството на здружението на наставници по Германски јазик.
„Со оглед дека јазикот е една жива материја добро е ваквите настани да ги организираме и да се протнуваат секогаш низ наставата. Подготвувајќи се за овај настан, конкретно ние, на самите часови изучуваваме вокабулар за Нова Година и Божиќ со пониските одделенија, повисоките веќе тоа го правеле пред неколку години. Со дидактички материјали се подготвуваме со Божиќни приказни бидејќи она што учениците кои се во самите штандови внатре ќе им го претстават на посетителите требаше предходно самите да се подготват за тоа. Најважно од се за овај настан е што секоја подготовка , секоја изработка на штандовите е исклучително од учениците со нивните родители на кои срдечно им се заблагодаруваме бидејќи се е направено со љубов од дете за дете.“ – изјави Маховска Шикалеска.
Германскиот јазик во државава е застапен во сите училишта. Во Охрид речиси 90 проценти од учениците го изучуваат германскиот јазик, како во основните, така и во средните училишта. Гете-Институтот Скопје ги поддржува наставниците по Германски јазик со обуки и дидактички материјали со цел високо квалитетна настава. Но љубовта кон странски јазик не се стекнува само во училишните клупи.
„ Изучувањето на јазик не е само учење граматика и вокабулар туку е запознавање со еден нов свет тоа е германската култура, традиција, менатлитет. На овој начин наставниците со нивните ученици го вадат германскиот јазик надвор од училницата и ја приближуваат магијата во конкретниот случај од божиќниот панаѓур какви што има во Германија ја носи тука вои Македонија.“ – изјави Гордана Вугерт Бабовска од Гете-Институт Скопје.
Предновогодишниот базар беше реализиран со поддршка од Општина Охрид, Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје и Гете-Институтот, од општествено одговорни компании, Црвениот крст Охрид и СВР Охрид.