Атрактивната пешачка патека која води низ боровата шума на Плаошник им создава главоболки на туристичките работници
При обиколката на двата локалитети Плаошник и Самоиловата тврдина патеката која ги поврзува е се понебезбедна за туристите. Апелираат надлежните да преземат мерки и безбедноста да биде на прво место.
Туристичките тури кои водат низ најатрактивниот дел за разглед на стариот дел на градот им создаваат главоболки на туристичките работници. Една од нив е патеката која води кон Плаошник, Канео и Самоиловата тврдина. Патеката е небезбедна за туристички разглед, вели Љупчо Стојкоски туристички работник од Охрид. Турата оди по еден пат низ прекрасна борова шума, но патеката е земјена, не е средена, а тука сите тури ги водиме, вели Стојкоски.
„На тој дел порано биле изградени импровизирани скали со дрво и издлабени во земјата. Но со тек на времето тоа е рамно, а боровите иглички го прават теренот лизгав и има голем проблем. Туристите се лизгаат и паѓаат“.
Туристичките водичи принудени се убавите места за разглед да ги избегнуваат, додава Стојкоски. За некои туристи оваа рута мора да се избегнува и не може да ја продолжат турата. Проблем ни е сигурноста на туристите. Таа треба да ни е на прво место и сите треба да се грижиме за тоа“, вели Стојкоски.
„Не знам кој е надлежен, но тој што е надлежен терба да води сметка за патеките да се безбедни. Така треба да е и на другите патеки“.
Туристичкиот работник Љупчо Стојкоски укажува дека и Мостот на желбите не е безбедна патека за движење на туристичките групи. Мостот кој се користи за полесен пристап за разглед на Канео е без странична ограда па, станува исто така, сериозна опасност пред се за повозрасните туристи.