Skip to main content

Атрактивниот локалитет Корита на Галичица и оваа зима е без посетители


Патот преку Галичица до Преспа со години има  забрана за употреба во зимски услови. ЈП Државни патишта и оваа сезона нема предвидено во програмата за работа зимско одржување на патот. Патот е важен за НП па минатата година самостојно ангажирале фирма и со сопствени средства го  исчистиле патот од израснати гранки и дрвја.

 |  Валентина Неловска  | 

 И оваа сезона изостана зимското одржување на патот кој води низ НП Галичица до Преспа. Атрактивниот локалитет Корита на Галичица, кој е на 9 км од главниот пат, и оваа зима остана празен без посетители. Регионалниот пат од трета категорија е запоставен и нема зимско одржување за кое е задолжено ЈП Државни патишта. Со години останува забрана за одвивање на сообраќај во зимски услови, а патниот правец е мошне значаен за националиот парк, вели Андон Бојаџи од НП Галичица.

Ние побаравме од ЈП Државни патишта да се одржува патниот правец , да интервенираат. Главно се два проблеми, да се исчисти патот од гранки и дрвја израснати в долж патот и второ да се пополнат ударните дупки и да се чистат одроните кога ќе почне сезоната. За жал од ЈП не обезбедија одржување“.

Патот е важен за НП па минатата година самостојно ангажирале фирма и со сопствени средства го исчистиле по должината од израснати гранки и дрвја. Со таква пракса ќе продолжат и во претстојниот летен период , додека за зимското одржување има законски прописи.

„Јавната установа Национален парк Галичица нема доволно средства сама да го одржува патот во зимски услови. Има и законски ограничувања кој може да го преземе од ЈП Државни патишта одржувањето на патот“, вели Бојаџи.

Според планот за управување на НП Галичица нема покрупни зафати за одржување на инфраструктурата каде што се поставени видиковци. За планинарската куќа на локалитетот Стара Галичица чиј сопственик е НП, имаат соработка со алпинстичкиот клуб Патагонија кој реализира активности за реновирање.