Аврамоска: Левица беше најактивен застапник на интересите на граѓаните во Советот и ќе продолжи со истото темпо
Во изминатиот мандат Левица беше најактивната политичка партија во Советот на Општина Охрид и најгласен застапник на интересите на граѓаните, вели носителката на листата на кандидати за советници, Виолета Аврамоска. Таа потсетува дека Левица во изминатите четири години редовно поднесувала иницијативи до Советот со цел решавање на конкретни проблеми на граѓаните, а од оние кои се реализираа, го посочува отворањето на простор за деца со церебрална парализа во објект во поранешната касарна.
„Бевме најактивната политичка партија која на таков начин дејствуваше во Советот на Општина Охрид, за разлика од некои советници на кои 4 години ни гласот не им го слушнавме. Така ќе продолжиме и понатаму. Се надевам дека овојпат граѓаните ќе изберат помеѓу советниците кои воопшто не ги слушнаа и тие кои искрено и чесно се бореа за решавање на нивните проблеми и дека овојпат ќе бидеме најмалку со тројца советници во Советот на Општина Охрид, рече Аврамоска.

На нашата советничка листа има повеќе кандидати жени, отколку мажи, што е доказ дека жената не сака да биде само нем набљудувач на локалните политики, туку и активен креатор, вели Аврамоска. Приоритет на Левица ќе бидат најранливите категории граѓани, урбанизмот и екологијата.
„ Можам да издвојам неколку, според мене, поважни точки од програмата како ревизија на сомнителни ДУП-ови, од социјалната програма вработување на жени жртви на семејно насилство, предност при ваработување на самохрани родители, мерки за семејно насилство од секаков вид, насилство врз деца, бесплатен паркинг, заштита на животната средина од загадување.“ – наброја Аврамоска.
Аврамоска додаде дека Левица ќе продолжи со истото темпо во новиот мандат, со цел, како што рече, „да се врати вистинската смисла на локалното претставување и да се слушне гласот на граѓаните“. Ова беше посочено на средбата со граѓаните на кандидатите за советници од партијата Левица со граѓаните во Охрид на која присуствуваа претседателот проф. д-р Димитар Апасиев и пратеничката Јована Мојсоска.