Автомобил удри во автобус на Галеб
Утрово околу 8 часот во автобус на охридскиот превозник АД „Галеб“ дирекно удрил автомобил со битолски регистарски таблички на патниот правец Охрид – Гостивар – Скопје, кај Ново Село.
Во автобус на АД Галеб кој сообраќал за Скопје утрово дирекно се судрил автомобил со битолски регистарски таблички веднаш после превојот Стража. Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски , во незгодата возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната медицинска помош во Општата болница во Гостивар, бил префрлен во битолската болница.
По налог на јавниот обвинител увид на лице место направиле полициски екипи од ПС Гостивар. Димоски изјави дека можна причина за незгодата е губење контрола на возачот над патничкото моторно возило при што удрил во предниот дел на автобусот.
Раководителот на патничкиот сообраќај во „Галеб“, Димитар Василески информира дека патниците во автобусот не биле доведени во опасност и нема повредени, само што била причинета материјална штета врз автобусот. Патниците за кратко време со друго возило го продолжиле своето патување до Скопје. Веднаш после увидот автобусот бил испратен на технички преглед при што било констатирано дека автобусот технички е исправен а исто така биле направени и потребните анализи врз возачот на автобусот, кои покажале уредни наоди.
{loadposition content9}