Skip to main content

Автомобилите кои комуницираат меѓу себе – дел од иднината на интернетот

Ултра стабилен безжичен интернет со кој нештата ќе комуницираат меѓу себе. Ова е една од крајните цели на проектот WILLOW на професор д-р Петар Поповски од Универзитетот во Алборг, Данска.

 |  Мишел Наумоски  | 
lowband internet
нископојасен интернет

Автомобили кои ќе комуницираат помеѓу себе преку ултра-стабилен безжичен интернет и масовна комуникација со сензори преку Интернет. Ова е иднината на Интернетот каква што ја замислува Петар Поповски, професор на Универзитетот во Алборг, Данска на одделот за електронски системи. Поповски кој е родум од Охрид, повеќе од 15 години  работи на полето на телекомукациските системи, а неговата истражувачка работа штотуку доби високо признание со добивањето на средства од Европскиот совет за истражување (ERC – European Research Council) во форма на грант за консолидатори од програмата за истражување и иновации на Европската Унија. Поповски своето истражување го насочува кон системи на ултра-стабилен бежичен интернет кој ќе има широка секојдневна употреба, како и безжични комуникации кои ќе поддржат Интернет од нешта (Internet of Things).

wi-fi avtomobili„Мојот проект нема да се однесува на бежична конекција за пилоти или сателити, туку на нешто што е поблиску до секојдневието….нешто што значи дека ќе имаме координација на автомобил со автомобил, каде ќе се обидеме автомобилите да се координираат едни со други, да комуницираат преку безжичен интернет и да не размислуваме на автомобили кога наидува сообраќај, но и да нема семафори туку автомобилите да „зборуваат“ едни со други, да се координираат и да сообраќаат по патиштата без опасност од судири. Дали тоа би го направиле со денешните смс или wi-fi системи? Најверојатно не, и затоа ова е голем предизвик да се редизајнира системот на овој начин.“-вели проф.д-р Петар Поповски од Универзитетот од Алборг-Данска.

И додека моментално светот функционира на принципот на широкопојасниот или бродбенд интернет, Поповски вели дека негова цел е да го надополни широкопојасниот Интернет со она што тој го нарекува нископојасен (lowband) Интернет.

prof.d-r Petar Popovski„На некој начин ги таргетирав апликациите кои безжичниот интернет ќе го направат да биде секојдневно добро, како водата или струјата. Па мислев на безжична конекција што е секогаш тука. Нископојасен е спротивно на широкопојасен интернет, кој вообичаено значи високa брзина на податоци…..а кога зборуваме за новата генерација на системи за комуникација, обично сме фокусирани на голема брзина на интернетот, но овде се работи за комуникација која има други карактеристики и нуди високо ниво на стабилност, на пример дава можност за комуницирање на голем број на уреди.“-рече Поповски.

За да се постигне целта која Поповски ја замислил, тој смета дека треба да се редизајнираат деловите од системот кои не биле претходно дизајнирани за оваа намена, како што се идентификацијата на корисници и пакувањето на мал обем на податоци.

Неговото истражување за проектот “WILLOW ” или WIreLess LOWband communication, од  Европскиот совет за истражување доби 2 милиони евра, пари кои ќе бидат  насочени за реализација на иновативните идеи кои ќе произлезат од овој проект, а кој ќе трае 5 години. Инаку, Петар Поповски е дипломиран електро-инженер кој докторирал во Данска и каде од 2004-та година работи и води своја истражувачка група на студенти, докторанти и пост-докторанти.

{loadposition content9}