Skip to main content

Автопатот од Охрид до Кичево доби амин од народните избраници

Автопатското решение во најголемиот дел ќе оди по нова траса, а ќе вклучува поголеми и помали мостови како и тунел како решение за превојот Пресека.

 |  Мишел Наумоски  | 
avtopat
автопат

Со 66 гласа за, еден против и ниту еден воздржан, синоќа народните избраници го изгласаа Законот за изградба на автопатското решение Кичево-Охрид.

Ohrid-Kicevo avtopatДолгонајавуваното автопатско решение земјава ќе ја чини 374 милиони евра, со додатни 10 проценти на оваа сума предвидени за дополнителни работи. Пратеникот од Охрид, од редовите на владеачката гарнитура, Александар Николовски, го оцени овој автопат како најважната инфраструктурна работа која се случила на Охрид во последните 50 години. Со вчерашното изгласување во Собранието, компанијата изведувач има рок од 28 дена за обезбедување на сите потребни дозволи за почеток на изградба, додека по истекот на овој рок, започнува и официјалниот рок од три години за изградба на автопатското решение. Автопатот ќе се гради по нова траса во должина од 40 километри, додека само 16 километри ќе бидат на постоечката. Еве мала претстава за тоа како ќе изгледа ова автопатско решение.

avtopatsko resenie„Од двете страни ќе има по три ленти од кои што две ќе се за возење, и една за застанување. Ќе има уште една помошна лента, четврта лента, а помеѓу двата правци ќе има простор од 3 метри, нема да е како делницата Тетово-Гостивар каде што е споен автопатот, туку ќе има 3 метра разлика помеѓу двете линии како би било и покомотно возењето. Исто така ќе има 15 помали и 7 поголеми мостови, ќе има еден навистина голем мост, бетонски-армиран мост, како и еден тунел кој треба да го реши превојот Пресека. Тој тунел ќе биде во должина од скоро 2 километри во двата правци.“-рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Николовски потенцираше дека парите од кинескиот кредит, нема да легнат на сметката на ниту една државна институција, туку напротив, кинеската банка, директно ќе плаќа на фирмата изведувач согласно динамиката на изведување на т.н позиции на автопатот. Додава дека владата предвидела решение и за експропријација на земјиштето на кое ќе се гради автопатот.

nova trasa avtopat„За експропријацијата, според нашите закони во случајов е задолжена Агенцијата за патишта. Тука во делот на делницата од Кичево до Охрид предвидено е паралелно со работите да тече и експропријацијата. Вече се определени средства од околу 4 милиони евра кои се резервирани во буџетот на Република Македонија за експропријација на делот од патот кој треба да биде изграден , така што експропријацијата практично започнува со денот на објавување на Законот, во службен весник. Тоа е некаде 7 до 8 дена од денес. Средствата реков се обезбедени, 4 милиони евра. Сите граѓани ќе бидат соодветно надоместени за делот кој што ќе биде употребен за автопатот.“-вели Николовски.

Инаку заедно со основната вредност на автопатското решение Кичево-Охрид од 374 милиони евра, 10 проценти за дополнителни работи како и 4те милиони евра наменети за експропријација, вкупната вредност на овој автопат би изнесувала околу 415 милиони евра. Република Македонија има пет години грејс период за враќање на кинескиот кредит, кој има рок на отплата од 20 години и каматна стапка од 2%. 10 проценти од парите за изградба на автопатот, ќе ги финансира Владата, додека останатите ќе бидат обезбедени токму со кредитот од кинеската ексим банка.

{loadposition content9}