Баба Надежда Герасмова доби пакет со намирници од волонтерите на ОО ЦК
Пакетот со потребните продукти и го донесоа дома по претходна нарачка на еден од отворените телефони на организацијата. Десет тимови на ЦК во вонредни услови се грижат за пензионерите , старите и болни лица од Охрид за да бидат обезбедени и да не ги напуштаат нивните домови.
96 годишната охриѓанка Надежда Герасимова доби домашна достава со пакет производи од ОО ЦК. Волонтерите денес го посетија нејзиниот дом, но и на останатите лица кои се обратиле до членовите на оваа хуманитарна организација преку телефонската линија за помош. Со давање помош на ранливата категорија сограѓани волонтерите започнаа од 10 март, информира Сашо Точков, претседател на ОО ЦК.
„Оваа недела имавме повици. За два дена имавме опслужено 48 луѓе од социјален ризик кои седат дома, не излегуваат, им ги носиме дома потребните намирници , лекови и средства за лична хигиена“, кажува Точков.
На телефонските броеви 046 261 909 и 070 315 309 за само неколку дена се пристигнати нарачки за лицата кои ги следат препораките на министерството и не ги напуштаат домовите.
„Ние излегуваме во пресрет на граѓаните стари , сами и изнемоштени , оние кои мора да останат дома , самохрани мајки со деца од претшколска возраст, хронични болни и со препорака да останат дома доколку имаат потреба од набавка на намирници, лекови, препишување рецепти средства за лична хигиена, ние сме тука да одговориме на повиицте“, кажува Мимоза Ставрева, секретар на ОО ЦК.
Граѓаните мoже да ги контактираат телефоните на ОО ЦК , но и на планинската спасителна служба 13 112 кој е отворен 24/7. Волонтерите имаат на рсполагање 5 возила.
„Многу добро функционира благодарност и до општина Охрид. Имаше сенс и одвои 300.000 денари од буџетот за оваа намена. Даде и два тима луѓе од општината кои заедно со нашите тимови на ЦК се во постојано движење.Мобилни се и ги опслужуваат нашите сограѓани“, вели Точков.
До ОО ЦК има повици и од општина Дебрца кои се насочуваат кон тимовите кои што ги има организирано и оваа општина. Точков напоменува дека повиците се преземаат и се менаџираат понатака по селата каде што има потреба.