Skip to main content

Бадник во охридско се прославувал на поинаков начин од денес

Бадник во охридско се прославувал на поинаков начин од денес.

 |  Валентина Неловска  | 

86 годишниот Стојан Стојаноски од Охрид, а  по потекло од блиското село Орман не потсетува како во минатото во охридско се празнувала Бадниковата вечер со која се најавува Христовото рождество. Стојаноски раскажува  дека  раѓањето на Исус Христос во нивното село, по препорака на некогашниот поп Наум Маленков, се одбележувало без палење на големи огнови, веселби, пијачки  и дабови  дрвца. На Бадник домовите се запотнувале со смрекови  гранчиња и се палеле помали огнови сред село, исто така од смрека.  

„Порано Бадник се одбележуваше поинаку.  Децата одеа не коледе квечерина спроти  раѓањето на Христос, се пееа бадникови песни, се палеа и огнови ама не со дабови гранки, туку исклучиво со смрека  или борови гранки“, раскажува Стојаноски.

Не е точно верувањето дека дабовото дрво симболизира цврста вера. Листот на дабот венее, жолтее, вели Стојаноски. Според него цврстината на верата ја симболизира смреката која е зимзелено дрво, има пријатен мирис и кога гори потпукнува со што најавува дека ќе се случи нешто ново, раскажува Стојаноски. Тој раскажува и за некогашните други обичаи на Бадник.

„За вечера се принесуваа посни јадења, зелка, пиперки, гравче и погача во која не се ставаше паричка“, раскажува 86 годишниот Стојан Стојаноски за обичаите на трпезата во охридско во минатото.

На Божик пак, целото семејство  одеше во црква на литургија и  земаше причесна  по шест неделниот пост, раскажува Стојаноски. Тој потсетува на еден обичај од неговото детство, првото омрсување на Божик  да почне со печено врапче уловено за време на постите. Се верувало дека децата ќе бидат здрави и полетни како врапчиња.