Бадниковата песна “Вечниот Бог” одекна низ охридските улици
250 дечиња денес тргнаа на Бадникова поворка пеејќи и најавувајќи го Христовото раѓање. Поворката беше пречекана на градскиот плоштад и беше дарувана со подароци кои ги обезбедија Локалната самоуправа, компании и верници.
Со фенер и ѕвездички во рака, пеејќи ја традиционалната христијанска бадникова песна „Вечниот Бог“ околу 250 дечиња денес тргнаа на веќе традиционалната „Бадникова поворка“ низ охридските улици. Тие со своето пеење го најавија најсветлиот момент во православието, раѓањето на Исус.
Со честитки до сите православни кои слават Бадник и Божиќ и желби за здравје и радосни моменти, се обрати и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
„Навистина во духот на празникот оваа литија, дечињата кои ги симболизираат ангелчињата го симболизираат Христовото раѓање и во духот на старата и изворна традиција ја пејат песната „Вечниот Бог“ што навистина наговестува чувства на среќа и радост онака како што и всушност и целата симболика на празникот Божиќ кога дечињата во оваа поворка или литија го надополнуваат чувството на сите православни христијани во Охрид или православните христијани секаде во светот за радоста што ја наговестува христовото раѓање.“-вели градоначалникот Бакрачески.
Овој настан кој се организира по трети пат полека прераснува во традиција, а од организациониот одбор велат дека кога се има љубов и вера во Бога, не е тешко да се организира нешто вакво.
„И оваа година голем број на деца зедоа учество во бадниковата поворка со таа цел си добија доста дарови, секое дете беше дарувано и со бадниково лепче кое го симболизира Христос богомладенецот што се роди во пештерата во Витлеем.“-рече Летка Филипова од организациониот одбор.
Бадниковата поворка наговестувањето на Христовото раѓање го започна од црквата „Свети Ѓорѓи“, а движејќи се по улиците „Јане Сандански“ и „Питу Гули“ преку „Кеј Македонија“ дојде на градскиот плоштад каде дечињата беа дарувани со подароци и пакетчиња. Од градскиот плоштад, Бадниковата поворка продолжи на свечен бадников ручек во црквата „Света Богородица Каменско“.