Багери копаат и рушат тераса на угостителски објект без одобрение
На малиот плоштад, на државно земјиште, веднаш до Чинарот, од викендов се руши летна тераса ,се исече иглолисно дрво, без никакво одобрение а настрадале и гранки од илјадалетното дрво споменик на природата. Се подготвува терен за дивоградба а допрва надлежните инспекциски органи ќе утврдуваат што се случува и ќе постапуваат.
На малиот плоштад Чинар веднаш до илјадалетното дрво споменик на природата. Багери копаат и рушат тераса на угостителски објект без одобрение. Парцелата каде што се одвиваат градежните работи е во сопственост на државата. Од Министерството за транспорт и врски за случајот информираат дека тие не дале одобрение за градежни активности ниту на правно ниту на физичко лице. Земјиштето не е отуѓено и никој не може да поднесе барање за градба“. Во овој случај според Законот за градење треба да постапи Државниот градежен инспекторат.
Локацијата на која се изведуваат градежните зафати се наоѓа во границите на заштитената споменичка целина која е под надлежност на НУ Завод и Музеј. Директорката на установата, Елеонора Новаковска информира дека за отстранување на урбана опрема – затворена настрешница кај Чинарот, во текот на вчерашниот ден бил извршен увид од страна на стручни лица од Заводот и изготвен бил Извештај за преземените градежни активности на локацијата. Извештајот е испратен до Инспекциската служба при Управата за заштита на културното наследство за нивно запознавање и до Општинскиот градежен инспекторат, за негово постапување согласно надлежностите, соопштува Новакоска. Завод и музеј издава мислења , по доставена проектна документација, за поставување на урбана опрема, настрешници, покриени тераси и слично, но до Заводот не било доставено известување за отстранување, ниту документација – Проект за поставување на урбана опрема.
При зафатите настрадале и три гранки од Чинарот. Денес, Државниот инспектор за природа, Хасан Рустеми изврши увид во состојбата на охридскиот чинар. Инспекторот на средба во локалната од стручните служби бил запознат со повторениот јавен оглас за санација и ревитализација на чинарот, што одделението за заштита и влијание на животната средина го распиша вчера.
На платото каде што очигледно се подготвува теренот за угостителски објект исечено е и иглолисно дрво. Од Комисија за сечење на дрва од одделението за животна средина при Локалната самоуправа информираат дека за исеченото иглолисно стебло нити добиле барање нити издале одобрение за сечење кое беше на летната тераса на монтажниот објект.