Бакрачески: Денот на рибарите станува препознатлива и уникатна охридска традиција
Чествувањето на Богојавление Водици продолжи денес на празникот Собор на Свети Јован Крстител, со капење на рибарите на Сараиште. Со рибна чорба, греана ракија, вино, плашици и пача Охрид денес традиционално го одбележа Денот на рибарите. Со оваа воспоставена традиција се одбележува и завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест.
Охрид денес го одбележа Денот на рибарите. На овој ден рибарите традиционално го прават ритуално капење во ладните езерски води, за здравје, среќа и за бериќет. Настанот, Локалната самоуправа на Охрид го организира по повод празникот Свети Јован Крстител. За присутните се служеше вино и топла ракија, но и традиционалната „повеќетонска“ рибна чорба за чие приготвување беа задолжени 10 ученици и 7 наставници од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
„Имаме околу 1 100 литри вода, околу 400 килограми риба, зеленчук, итн …или некаде околу 1500 литри чорба. Подготовките се ден претходно, ја вариме рибата, ја чистиме од коски, подготовка на запршката, бидејќи условите не ни дозволуваат дирекно овде да ја правиме на лице место значи овде само ја составуваме и ја поделуваме“.
Годинава се делеше и македонскиот специјалитет пача, која ја подготвија студентите од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Манифестацијата ја следеа голем број на граѓани но забележително беше и присуството на домашни и странски туристи.
„Вчера дојдовме во Охрид. Од наш пријател дознавме дека има многу интересен фестивал во Охрид. Прва пат сме тука вчера присуствувавме на настанот на пристаништето. Воодушевени сме. Не сме виделе ништо слично до сега. Сега сме тука за Денот на рибарите, многу е интересно и луѓето тука се многу пријателски расположени, се е преубаво
– Здраво, пробавме ракија вчера, ни се допадна, денес дојдовме да ја пробаме рибната чорба. Нестрпливи сме“.
Еден од најстарите спортски риболовци од Сараиште Драги Раоник, кажа дека оваа традиција е долга и овој ден во минатото бил мошне значаен за рибарите. Како што раскажува Раоник него му го дале првиот блинкер, со кој почнал да ловат риба која во тоа време ја имало во изобилие, полнеле по цели вреќи. Блинкерот го врзувал за палецот и така ја ловел риба, додека Димо од Џоџевци го измислил влечењето на рибите на блинкерите. Имиџот на Сараиште биле спростурите, рибарите и нивните приказни, вели Раоник. Тој жали што денеска ги нема тие услови како некогаш за рибарите и смета дека старата традиција треба да продолжи.
„Рибари нема веќе..немат риба за да има овде мрежи за да го личит местото да биде со сурите и мрежите. Можда Музејот еден ден ќе смогнит снага ќе ги стави тие спростури за да се добие некогашниот амбиент кој го имале старите рибари. Инаку рибарите овде посебно Џоџевците беше неверојатно нешто да се слушаат нивните верзии за водата, езерото, рибарите за Преспа. Тие велеа „Димо одлази Ангеле долази“ бидејќи тие рибареле и на Преспа, таму немало професионални риболовци, од овде оделе Филевци“
Денот на рибарите станува препознатлива и уникатна охридска традиција, вели градоначалникот Никола Бакрачески. Тој додава дека на култното место Сараиште, идејата на Локалната лежи во можноста луѓето да се вратат за момент кон старите добри традиционални обичаи.
„Она што е најважно и што мене ме радува е доброто и ведро расположение на охроѓани кои денес во голем број ги гледаме тука и кои што несомнено преминува во една добро организирана традиција која што се надевам дека ќе трае уште мнхогу многу години во иднина“.
И оваа година тимовите за логистика на Црвен крст од Охрид, дел од рибната чорба ќе однесат во семејствата со социјален ризик во Охрид, како и на лица со хендикеп и на стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој атрактивен настан. За да се долови амбиентот според охридската традиција, група „Билјана јуниор“ го исполни просторот со звуците на староградскиот фолклор.