Skip to main content

62-ро издание на Балкански фестивал на народни песни и игри

Балкански фестивал ги промовира Охрид, традицијата и фолклорот

Со изложбата на фотографии на најубавите народни носии „Од Љубаништа до Дебор“ од колекцијата на Љупчо Милошески, започнуваат фестивалските денови на 62то издание на „Балканскиот фестивал на народни песни игри“. Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, ќе го отвори годинешното издание на фестивалот.
Балкански фестивал

Традицијата и фолклорот претставуваат најдобро чувана тајна која како свеќа не води во тунелот на времето. Ансамблот “Танец” пак, претставува подвижна енциклопедија на македонскиот народ. Токму оваа национална установа, ќе ја има честа утревечер да го отвори 62то издание на „Балканскиот фестивал на народни песни игри“, доколку дозволат временските прилики на сцената на Долни Сарај, или во „Центарот за култура „Григор Прличев“. И двете културни богатстава, и фестивалот и ансамблот „Танец“ кои Македонија ги поседува, повеќе од шест децении ги негуваат македонската традиција и фолклор. Голем е интересот да се учествува на  фестивалот, а уште поголем кај публиката да ужива во изведбите на учесниците, годинава тоа се ансамбли од Македонија, Словенија, Полска и САД.

Симоноски

„Интересот како и за посетителите така и за годинешното издание имавме апликанти од цел Балкан, од цела Европа, меѓутоа мораме да селектираме. Оваа година ги селектиравме, оние кои ги спомнав и се надевам дека од наредната година, ќе може други фолклорни друштва да учествуваат и од земјава и од странство. Голем е интересот на посетителите, не само од нашата држава, туку и од страна на туристите кои доаѓаат во Охрид од целиот свет да дојдат и да уживаат во изведбите на фестивалот.“ – вели за ТВМ Горан Симоноски – директор Н.У. „Центар за култура „Григор Прличев“.

Балкански фестивал

И годинава нема да изостане атрактивното дефиле по охридската чаршија, дел од фестивалот кој оставил посебен белег особено кај туристите кои еднаш го виделе. Веќе шест децении националната установа „Танец” која ќе го отвори годинешното издание на фестивалот, со своите уникатни носии со кои настапува насекаде низ светот, претставува вистински подвижен историски музеј на Македонското материјално и нематеријално културно наследство. А преку фотографска презентација пак, на едно од најубавите етнолошки богатстава, народните носии од регионот на Охрид, Струга и Дебрца, од колецијата на Љупчо Милошески, уште вечерва ззапочнуваат фестивалските денови на 62то издание на „Балканскиот фестивал на народни песни игри“.

„Балканскиот фестивал го започнуваме со вечерашната изложба „„Од Љубаништа до Дебор“, од авторот Љупчо Милошевски, па ја поканувам публиката да ја посети, во 20 часот во галеријата при Н.У. „Центар за култура „Григор Прличев“ -вели Симоноски.

На изложбата се претставени фотографии од збир на невестински народни носии од брсјачката и дел од дебарско-реканската етнографска средина, во периодот од крајот на 19 до раните почетоци на 20 век, во тек на свадбениот и после свадбениот обреден циклус. Изложбата и монографијата се рецензирани и изработени во соработка со проф. Д-р. Владимир Јаневски.