Skip to main content

Култура

Балкански поетски камп за деца и млади – Ванчо Николески

Петта година по ред младите поети од земјата и регионот, го слават творештвото на писателот за деца на Македонија, Ванчо Николески.
 |  Голабовски Крсте  | 
лого

Петта година по ред младите поети од земјата и регионот, го слават творештвото на еден од најголемите писатели за деца на Македонија, Ванчо Николески. Манифестацијата ќе трае до сабота, 26-ти август и ќе се одржува на различни локации во Охрид, Струга, Вевчани, Белчишта и Црвена Вода. Во рамки на кампот ќе се одржат поетски работилници, кои годинава, ќе ги води проф. д-р Милутин Ѓуричковиќ, истакнат српски поет, идеен творец, основач, сега претседател на Институтот за детска литература во Белград, член на Европската академија на науките и уметностите. Новинарот во пензија Веле Митаноски, истакна дека е горд што оваа манифестација го доживеа својот мал јубилеј и што нејзиното годинешно издание стартува токму од образовната установа која го носи неговото име.

Веле Митаноски

„Историски првиот час не е одржан во Подвис, таму е одржан навистина првиот час, но откако е изградено училиштето. А буквално првиот час е одржан во куќата на Ванчо Николески, од него лично. Пред да се изгради училиштето во Црвена Вода, тоа значи уште во текот на војната. Нема да ви зборувам дека се што е поврзано со македонската понова државност е врзано со Црвена Вода, тие што ќе дојдат таму ќе видат“, – кажа Веле Митаноски – новинар.

Учениците кои денес му оддадоа почит на неговото име и творештво, треба да се горди, што учат во установа која го носи неговото име, истакна Христо Петрески, Претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Раскажа пред присутните за неговата прва средба на еден училишен час, со големиот македонски писател, уште кога бил ученик во седмо одделение.Стилот на Николески беше едноставен, топол, искрен, токму поради што и се вбројува меѓу Македонските водечки писатели за деца, истакна Петрески.

„Јас откако заврши часот, средбата со Ванчо, тој отиде на автобуска станица. Јас
тргнав по него како кученце кое сака да е поблиску до својот господар. И јас сакав да сум што е поблиску до Ванчо. Бидејќи и пишував, тогаш многу ми значеше таа средба со Ванчо Николески“, – раскажа Христо Петрески – Претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Петрески вели дека мора да се негува традицијата, а младите да пишуваат творби за Ванчо Николески. Предложи да се распише конкурс за сите ученици, токму посветен на овој голем Македонски писател.Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ веќе петта година се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, а Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, до учесниците испраќа специјално Послание. Манифестацијата, финансиски е помогната од Министерството за култура, Општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.