Отворениот базен повторно во владение на ЈП Билјанини извори
Досегашниот концесионер Владо Рувинов денеска се откажа од договорот за концесија во интерес на водениот спорт во градов.
Отворениот пливачки базен од денеска повторно под капа на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“. Досегашниот концесионер Владо Рувинов којшто стопанисуваше со базенот, денеска соопшти дека предвреме се откажува од договорот за концесија кој е со важност до 2017 год и дека тоа го прави во интерес на развојот на водениот спорт во градов.
„За градов за децава да се направи еден добар спортски центар, пливачки со помош на Кочо Паскали со клубот. Ние како фирма досега не бевме во можност да инвестираме и мислам дека општинава со овој градоначалник и со директорот дека ќе бидат поуспешни од нас, во интерес за целиот спорт во градов, за децата и за тоа целиот комплекс да добие нов лик, зошто досега беше се запустено“, вели Владо Рувинов, екс концесионер на отворениот базен.
Директорот на Билјанини извори, Иван Цветкоски истакна дека ЈП ќе даде максимум овој пливачки охридски храм кој е во многу лоша ситуција да го средат. Цветкоски најави многу нови содржини за овој комплекс , дел спортски, дел забавни. „Се надеваме дека и другите концесионери кои гравитираат во СРЦ ќе го следат овој пример, со цел ЈП да биде домаќин во своето место за побрзо да го реализираме планот кој првично беше најавен од страна на градоначалникот Бакрачески“, вели директорот Цветкоски. Тој додаде дека целта на раководството на Јп е овој Охридски пливачки објект да функционира од 08.00 до 22.00 часот и да ги има сите услови кои ги има еден современ пливачки комплекс како што тоа го имаат објектите од овој тип надвор од Македонија. Цветкоски најави и ноќно кино кое би се одржувало од 20.00 до 22.00 часот.
„Прво ќе започнеме со средување на базенот, со средствата кои ментално ги имаме. Она што е за поздравување е отворање на аква аеробикот што е новина за градов. Ќе донесеме забавни содржини кои ќе ја збогатат понудата на самиот базен. Ќе поставиме и пинг понг маса со цел рекреацијата да биде на највисоко ниво и родителите и дедо баба кога ќе доаѓаат со своите дечиња да има можности и за нив за да се рекреираат. Во јули и август ќе организираме неколку забави за дечињата. Се преговара со Поточиња, Супер ѕвезда, Златно славејче, нашите Рибарчиња“, вели Иван Цветкоски, в.д директор на ЈП Билјанини извори.
Одлуката на екс концесионерот во целост ја подржа и Кочо Паскали, претставник на пливачкиот клуб Охридски бранови. Според него, со оваа енергија и желба која постои во моментов, пливањето во Охрид конечно ќе оди по вистинскиот пат.
„Да ја реализираме идејата за повторно враќање на пливањето во Охрид. Клубот Охридски бранови е максимално организиран и спремен. Организирана е и школа за пливање која брои околу 200 деца и мислам дека со соработка со локалната самоуправа и спортскиот центар ќе успееме да ја реализираме идејата на концесионерот која имаше голема желба да се случи во Охрид“, вели Кочо Паскали, преставник на пливачки клуб Охридски бранови.
Просторот околу големиот и малиот базен ќе започне да се уредува уште од утре, а според плановите на раководството на ЈП идната седмица базените ќе бидат пуштени во употреба, а со тоа и комплексот со своите стари и нови содржини.
{loadposition content9}