Skip to main content

Општина Охрид најавува бесплатен престој во градинка за деца на самохрани родители и субвенционирање на надоместокот за социјални случаи

Секретарот на општината, Александар Китески, информира дека Секторот за јавни дејности веќе работи на проекции за буџетот за 2027 година за реализирање на новите мерки.
 |  Маја Савиќ  | 
Градинка

Иако Советот на Општина Охрид на вчерашната седница не ја прифати иницијативата на советничката од Левица за плаќање една членарина по семејство за престој во градинка за родители со повеќе деца на претшколска возраст, од локалната самоуправа најавуваат други мерки за поддршка на одредени категории семејства.

Иницијативата предвидуваше кусокот во касата на градинките да го надомести општината од буџетот како директна поддршка за семејствата и децата. Според предлагачот, со ваквата мерка општината би покажала активна поддршка за родителите и би се создале подобри услови за раст и развој на најмладите.

Придобивкиод оваа мерка се: значително намалување на трошоците за младите семејства, финансиска поддршка за семејствата што имаат повеќе деца, поттик за зголемување на наталитетот, поголема социјална сигурност за родителите, задржување на младите семејства во Охрид.“ – Виолета Аврамоска, советничка од Левица.

Секретарот на општината, Александар Китески, информира дека Секторот за јавни дејности веќе работи на проекции за буџетот за 2027 година, при што се планираат други социјални мерки за олеснување на трошоците на семејствата за престој на децата во градинка.

Во моментов во Секторот за јавни дејности имаат задача да направат проекција за следниот буџет во однос на она што беше нејзина иницијатива по однос на самохрани родители, ослободување од плаќање на надоместок во градинката за дечиња на коишто се таму, а родителите се самохрани. Плус имаат задача да направат исто проекција за следната година да почнеме со субвенционирање на деца , што се во градинка, чии родители се социјални случаи, со одреден надоместок. Така да, овие две работи ќе почнат од следната година. Субвенционирањето најверојатно ќе оди во онаа одлука што ја носиме за субвенционирање на сметките, тука ќе ја ставиме и оваа точка.„ – кажа Китески.

Според овие најави од 2027ма се очекува целосно ослободување од плаќање надоместок за престој во градинка за децата на самохраните родители и субвенционирање на трошокот за престој на децата чии родители се приматели на социјална помош.