Skip to main content

Бесплатни мамографски прегледи на рак на дојка за жените од југозападниот регион

Бесплатни мамографски прегледи  на рак на дојка за жени од југозападниот регион.

 |  Валентина Неловска  | 
cjz

Наскоро регионалниот Центар за јавно здравје од Охрид ќе спроведува мамографски прегледи на рак на дојка за жените од регионов.  Бесплатните скрининг прегледи ќе ги опфатат  жените на возраст од 50 до 69 години од општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар и  Ростуше. Скринингот  е во рамките на програмите за рано откривање и детекција на малигните заболувања од  превентивните програми на  Министерството за здравство, информира д-р Слободанка Коцевска од охридскиот  центар за јавно здравје.

cjz„Ракот на дојка е често заболување кај жените иако поретко се среќава и кај мажите. Вообичаено е почесто кај жените на возраст од 50 години нагоре. За да се спречат метастазични промени и други малигни заболувања кај ракот на дојка подобро е да се оди на рано откривање отколку да се лечи понатака. Хемотерапиите и зрачењата се тешки за пациентките, но кога би се откриле навреме би било поповолно за нив“, подвлекува д-р Коцевска.
Д-р Коцевска напоменува дека кај жените сеуште тешко се  менува менталитетот во однос на самопрегледите и редовните превентивни контроли.


„Ова заболување нема драстични промени во последните години, но сепак треба да се спроведе оваа акција. Жените не се склони на самопреглед  и самооткривање на карцином. На многу од нив сеуште им е непријатно да одат на лекар на самостоен скрининг преглед. Се надевам дека ќе имаме одзив бидејќи  директно се оди на мамограф и на откривање на евентуални промени на дојката“, вели д-р Коцевска.   

Според најавите на Министсерството за здравство за скрининг проектот ќе се користат мамографите и специјалистите од болниците во  Струга и Вевчани. Жените на возраст од 50 до 69 години може да се јавуваат секој работен ден  за понатамошни инструкции на телефонот 046 231 880 во Центарот за јавно здравје. Досега регионалниот центар за јавно здравје  има  спроведено и скрининг проекти за рано откривање на рак на дебело црево и рак на грло  на матка.