Skip to main content

Бесплатни обуки за 20 невработени од Охрид

Локалната самоуправа на Охрид со нова мерка во социјалната политика. Овој пат таа се однесува на 20 бесплатни обуки за најбарани професии во градов за што општината од сопствениот буџет одвои средства во висина од 128 000 денари.

 |  Николоска Биљана  | 

20 бесплатни обуки за заварувачи, готвачи, шивачи и машинисти. Локалната самоуправа во рамките на нивната програма за помош на социјално ранливите категории денес го објави огласот за доделување бесплатни курсеви за 20 невработени лица. Како што истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески целта е стимулирање на социјалната интеграција на невработените на ниво на општина Охрид и подобрување на нивните квалификации за идно вработување. Со курсевите ќе бидат опфатени по пет лица од секоја од наведените стручни профили.

„Право на пријавување на овие курсеви имаат лица кои се евидентирани како невработени и кои активно бараат работа, кои се социјални случаи или живеат во семејства со ниски месечни примања и истите се жители на Охрид. Притоа овие лица не смее да посетуваат ист курс во друга институција или фирма доколку сакаат да се пријават на нашиот оглас. Курсевите за заварувачи, шивачи и машинисти-фини подесувачи на машини за невработени лица ќе се одржуваат во отворениот граѓански универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“ во текот на 2015 година, а курсевите за готвачи ќе ги спроведува Факултетот за туризам и угостителство – нагласува Бакрачески.

Како што информира градоначалникот за секој конкурс кој е во вредност од 8000 денари општината издвоила по 6400 денари или вкупно од буџеот за овие бесплатни обуки издвоени се 128 000 денари. Реализацијата на предвидената обука за курсевите е планирана да се изведува во 50 односно 60 часови. Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, истакна дека кои ќе ги посетуваат курсевите освен што ќе ги надградат прфесионалните вештини, ќе имаат можност и за директни вработувања.

„Изборот на струки и професии е направен врз основа на претходно извршени анкетни истражуавња во 25 фирми во Охрид кои што изразија потреба за поголем дел различни видови професии а ние ги сумиравме оние кои беа најбројни и најбарани. Значи самите фирми имаат потреба од вакви тип на вработени, и ќе можат да конкурираат во овие фирми каде има отворени огласи за вработувања на лица соодветно со кадарот и професионалноста која ја бараат. Така даа ќе се овозможи не само збогатување на знаењето, но и намалување на бројот на невработените во Охрид“– појаснува Апостолов.

Славица Ристеска, директорката на Отворениот Универзитет „ Кузман Шапкарев“,  е задоволна од соработката и поддршката на Локалната самоуправа посебно во тоа што продолжува во континуитет со обуките за возрасни лица.

„Ние сме спремни по завршување на конкурсот, кандидатите да почнат со курсевите. Курсевите се предвидени со одреден број на часови и  теоретски часови, а поголемиот број на часови ќе биде практичниот дел од курсот. После тоа кандидатите ќе се организираат на крај како ќе следува завршен испит и секој од кандидатите ќе добие сертификат“ – изјави Ристеска.

Бесплатните обуки пријавениите кандидати за готвачи ќе ги реализираат на Факултетот за туризам и угостителство.

„Програмата ќе биде поделена на три дела,  кулинарски, исхрана и диететика. Вкупнатга обука ќе биде 57 часови, со тоа што само 15 ќе бидат теоретски, останатите исклучиво практична работа.  ФТУ има високопрофесионална кујна, технички подготвена и сметам дека кандидатите кои ќе го поминат овој курс ќе добијат високопрофесионално знаење и сертификат . Сакам да укажам дека во градов има потреба од многу готвачи и сум во комуникација со менаџерите на угостителските објекти угостителските објекти и сите бараат такви кадри“ – вели Василеска.

Василеска категорична дека овие курсеви на лицата ќе им помогнат да се стекнат со знаење и понатаму се зависи од тоа колку тие ќе се надоградуваат. Инаку конкурсот тече од денес во наредните 10 дена. Пријавите по Конкурсот за доделување на бесплатни курсеви, ги разгледува стручна Комисија од три члена од редот на вработените во општинската администрација. Ранг листата со избраните кандидати ќе биде објавена на интернет порталот на општината.