Бесправно се гради кај Самоилова, констатирале од НУ Завод и Музеј
Градежните зафати во близина на Самоилова тврдина, за кои граѓаните реагираа, а сопственикот на парцелата ги демантираше, сепак се изведуваат без одобрение.
Од Ну Завод и Музеј Охрид , по барање од граѓаните за преземање мерки поради неспроведување на предходно Решение на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) – Скопје, а во врска со градбата во близина на тврдината, каде сопственикот на парцелата не само што не го вратил земјиштето во првобитна состојба туку дека на локацијата повторно се носат градежни материјали и по пријава доставена до установата на 10.04.2023г. дека на катастарската парцела се изведува потпорен ѕид, бил направен увид од стручни лица.
„Стручните служби при НУ Завод и Музеј Охрид извршија увид на лице место, ги констатираа дивоизведените градежни активности, изготвија Извештај и истиот го доставија до Управата за заштита на културно наследство – Скопје на нивно понатамошно постапување.“ – информира за ТВМ, Тања Паскали Бунташеска, конзерватор-советник при НУ Завод и Музеј Охрид.
Во Извештајот стои дека стручните лица констатирале дека до предходно констатираниот нелегален бетонски потпорен ѕид изградена е и надворешна скала од камен и дека во тек е изградба на потпорен ѕид од камен во должина од 6,5м и висина 1,7м.
„За изведените градежни активности НУ Завод и Музеј Охрид не поседува техничка документација и не е издаден никаков посебен акт. Напоменуваме дека градежните активности се изведуваат во непосредна близина на поединечно заштитено добро Цитадела на Самоилова тврдина и од тие причини неопходно е да бидат известени инспекциските служби при УЗКН- Скопје кои се должни да постапат понатаму согласно своите надлежности “ – се вели во Извештајот од НУ Завод и Музеј.
Инаку, вчера сопственикот на парцелата со писмен демант до медиумите ги отфрли реакциите на граѓаните како невистинити и паушални тврдејќи дека на локацијата не се гради градба без документација туку дека се врши партерно уредување на просторот и изведба на потпорен ѕид поради лизгање на земјиштето , на што, како што вели , имал уставно загарантирано право, а со тоа ги штител и имотите на соседите од штета.