Skip to main content

Ти Си Твојот Град

Бесправно се гради кај Самоилова, констатирале од НУ Завод и Музеј

НУ Завод и Музеј – Охрид извршила увид на градежните активности во близина на Самоилова тврдина, за кои граѓани реагираа со допис до редакцијата на ТВМ. Стручните лица од установата констатирале дивоизведени градежни зафати за што ги известиле инспекциските служби при Управата за заштита на културното наследство во Скопје.
Завод и Музеј извештај

Градежните зафати во близина на Самоилова тврдина, за кои граѓаните реагираа, а сопственикот на парцелата ги демантираше, сепак се изведуваат без одобрение.

Од Ну Завод и Музеј Охрид , по барање од граѓаните за преземање мерки поради неспроведување на предходно Решение на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) – Скопје, а во врска со градбата во близина на тврдината, каде сопственикот на парцелата не само што не го вратил земјиштето во првобитна состојба туку дека на локацијата повторно се носат градежни материјали и по пријава доставена до установата на 10.04.2023г. дека на катастарската парцела се изведува потпорен ѕид, бил направен увид од стручни лица.

„Стручните служби при НУ Завод и Музеј Охрид извршија увид на лице место, ги констатираа дивоизведените градежни активности, изготвија Извештај и истиот го доставија до Управата за заштита на културно наследство – Скопје на нивно понатамошно постапување.“ – информира за ТВМ, Тања Паскали Бунташеска, конзерватор-советник при НУ Завод и Музеј Охрид.

Во Извештајот стои дека стручните лица констатирале дека до предходно констатираниот нелегален бетонски потпорен ѕид изградена е и надворешна скала од камен и дека во тек е изградба на потпорен ѕид од камен во должина од 6,5м и висина 1,7м.

Завод и Музеј извештај1

„За изведените градежни активности НУ Завод и Музеј Охрид не поседува техничка документација и не е издаден никаков посебен акт. Напоменуваме дека градежните активности се изведуваат во непосредна близина на поединечно заштитено добро Цитадела на Самоилова тврдина и од тие причини неопходно е да бидат известени инспекциските служби при УЗКН- Скопје кои се должни да постапат понатаму согласно своите надлежности “ – се вели во Извештајот од НУ Завод и Музеј.

Инаку, вчера сопственикот на парцелата со писмен демант до медиумите ги отфрли реакциите на граѓаните како невистинити и паушални тврдејќи дека на локацијата не се гради градба без документација туку дека се врши партерно уредување на просторот и изведба на потпорен ѕид поради лизгање на земјиштето , на што, како што вели , имал уставно загарантирано право, а со тоа ги штител и имотите на соседите од штета.