„Безбеден град“ во Охридскиот регион стартува од 12 октомври

Системот „Безбеден град“ од 12 октомври треба да започне со работа и во Охридскиот регион. Во завршна фаза е подготовката на командниот центар во СВР Охрид, кој ќе биде клучен за практичната примена на системот на подрачјето на Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

„Во СВР Охрид сме во завршна фаза со подготовката на командниот центар кој е неопходен за практична примена на системот „Безбеден град“. Имаме уште околу две недели да ги завршиме преостанатите активности околу командниот центар и овој паметен систем да го ставиме во функција и во овој дел од државата.“ – изјави денеска во Охрид, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Министерот денеска беше во работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад каде со раководствата разговараше за борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
„Од Регионалниот центар Запад денеска испраќаме уште една значајна вест. За првпат е договорено ФРОНТЕКС своите активности да ги насочи и кон западната граница, а не само кон јужната како досега. Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што дополнително ќе ја зајакнеме контролата на западната граница.“ – кажа министерот.„ – најави Тошковски.
Од МВР најавуваат продолжување на модернизацијата на полициското работење преку нови технологии и засилена меѓународна соработка.




