Skip to main content

„Безбеден град“ уште првиот ден регистрираше 148 прекршоци во Охрид, Струга, Кичево и Дебар

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ за два дена регистрирал вкупно 296 сообраќајни прекршоци на подрачјето на четирите општини, информираат од СВР Охрид. Најчести се пречекорувањето на дозволената брзина, поминувањето на црвено светло и управувањето со нерегистрирани возила.
 |  инфодеск  | 

На првиот ден од функционирањето на системот системот за сообраќаен надзор „Безбеден град” (12.10.2026 година) на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар  регистрирани се вкупно 148 сообраќајни прекршоци, информираат од СВР Охрид.

-Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населено место, поминување на црвено светло на семафор, како и управување со нерегистрирани возила. Во текот на вчерашниот ден (13.10.2026 година), заклучно со 19 часот, преку системот регистрирани се дополнителни 148 сообраќајни прекршоци, наведуваат од СВР Охрид.

Посочуваат дека сите регистрирани прекршоци се документирани, а до сопствениците на возилата со кои се сторени прекршоците се доставуваат известувања преку СМС-пораки на мобилните телефони и на електронските адреси.

Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација. Воедно, укажуваат дека системот „Безбеден град” има за цел да придонесе кон подигнување на сообраќајната култура, поголема дисциплина кај возачите и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.