„Безбедна улица за нашите деца“ бараат жителите на Момчило Јорданоски
Тесни тротоари кои служат како паркинг, велосипедски патеки покриени со паркирани возила, но и отсуство на успарувачи на брзина на движење за возилата, сообраќајни знаци за дозоволена брзина и сферни огледала. Ваква е сликата на улицата „Момчило Јорданоски“, која во вечерните часови знае да биде и место на кое младите возат со огромни брзини.
Жителите на улицата апелираат до институциите да се интервенира и инфраструктурно и безбедносно, да се решат недостатоците, бидејќи инциденти има речиси секој ден, а имало и такви кои завршиле со фатални последици. После безброј реакции до надлежните, телефонски разговори, жителите, деновиве спроведоа и петиција насловена едноставно, „Безбедна улица за нашите дечиња“. Досега сто и педесеттина граѓани го ставиле својот потпис.
„Многу пати сме се обиделе да реагираме, никогаш не сме биле слушнати. Морам да потенцирам дека многу ми е мило и горд сум на сограѓаните, затоа што кога почнавме да ја собираме петицијата, се јавија многу. Имаме над 150 поединци, а тоа се всушност 150 семејства. Се работи за безбедност на децата, се работи за безбедност на старите и нас средовечните во секој случај, ова мора да се заврши, ние одлучивме дека на еден или на друг начин ќе дојдеме до целта.“ – вели Симон Карашов – жител ул. Момчило Јорданоски.
Жителите апелираат за поголемо присуство на сообраќајната полиција во овој дел од градов, како и за поактивно функционирање на пајак службата, поради огромниот број возила, кој несовесните жители ги паркираат на улицата. Велат дека доколку не бидат ислушани, ќе бидат приморани да ја блокираат улицата во знак на протест.
„Моментално најважна ни е безбедноста и функционална улица. Немаме ни огледала, немаме ни сообраќајни знаци за ограничување на брзина, немаме ништо, имаме само 7 метри улица, една писта, со 800 се вози навечер, со 100 преку ден. Ова лудило мора да заврши. Не може да парикира секој каде сака. На 200 метри сме од главните сообраќајници, се вози ненормално брзо. Мора да реагираме додека не се деси најстрашното. Во иднина сите наши барања ќе бидат со разумен рок. И доколку тој разумен рок не се испочитува, како шо знаат да ни блокираат сметки за неплатен данок, ние знаеме да блокираме улици. “ – вели Славчо Донески.
Особено е важно поставување на сферни огледала, бидејќи до оваа улица има десеттина споредни улички, а прегледноста е речиси нула. Ситуацијата не е ништо поразлична и на улицата „Марко Цепенков“, особено делот од пресекот со улицата „Момчило Јорадноски“, до Стобекс, во Видобишта, на која поради паркирани возила на коловозот, не може да се разминат и две возила. Во врска со овие барања, на жителите од овој дел од градот, од локалната информираат дека, тие се само изведувачи на работите, кога станува збор за поставување на забавувачите на брзината на движење, додека активностите на пајак службата, целосно зависат од сообраќајната полиција, бидејќи пајак службата работи на барање на сообраќајната полиција. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид се грижи за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, по патишта и сообраќајници низ градот.