Безбедни училишта со приватно обезбедување или со државна агенција за безбедност?
Во време кога имаме најразлични начини на загрозување на безбедноста на децата во училиштата, најразлични предизвици, ризици и закани, безбедноста во училиштата е исклучително важно прашање. Имајќи предвид дека таа игра клучна улога во поддршката на интелектуалниот, социјалниот, физичкиот и емоционалниот раст и развој на учениците, заштитата на децата во училиштата е нешто на што треба да се посвети посебно внимание и неопходни се конкретни мерки. Министерството за образование и наука подготвува препораки за училиштата со цел подигнување на безбедноста во објектите, како и намалување на меѓуврсничкото насилство. Основа на процесот се заклучоците кои произлегоа од досегашните средби со универзитетски професори и експерти од областа, од средбите со претставници на други засегнати институции, како и од посетите на училиштата каде заедно со наставниот кадар и стручните служби се анализира безбедносната состојба.
Владата на Република Македонија пак, во програмата за работа за периодот 2024-2028 година, предвидува промена во начинот на обезбедување на училиштата во земјава, со која промена државата ќе ја преземе обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата преку формирање на Државна агенција за обезбедување. По примерот на европските држави, ќе се развијат Програми за спречување на насилство во училиштата и за безбедна училишна средина. Фокусот на Владата ќе биде ставен на превенцијата и заштитата на децата и младите како наш највреден општествен ресурс. Од тие причини, предвидуваме, за разлика од сега кога училиштата ги чуваат приватни агенции за обезбедување, државата да ја преземе обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата и на нашите најмлади – преку формирање на државна агенција за обезбедување, се наведува во програмата на Владата. На прашањата кога се планира започнување со работа на Државната агенција за обезбедување на училиштата, колку нови вработувања се предвидени во неа и колку пари се потребни за функционирање на истата, од Мон со краток oдговор: Станува збор за институција која нема да биде под надлежност на Министерството за образование и наука, имајќи предвид дека нема да се занимава со образовна дејност и со реализација на воспитно – образовниот процес. По однос на овие прашања Ве упатуваме да се обратите до Министерството за внатрешни работи.
Се обративме и до Министерството за внатрешни работи со истите прашања, од каде што не упатија да побараме одговор од Владата, од каде се уште немаме добиено одговор.
Инаку, под надзор и контрола на МВР од 2000-та година функционира Комората на приватно обезбедување, како сегмент од целокупниот безбедносен систем на државата согласно Законот за приватно обезбедување. Во неа членуваат повеќе од 6 илјади работници за приватнo oбезбедување, вработени во стотина компании. Неофицијално, од фелата коментираат дека Владата сака да формира нешто што веќе долг период одлично фунционира.
И додека се чека Владата, МОН и МВР да ги прецизираат условите и начинот на формирање и функционирање на предвидената државна агенција за обезбедување, училиштата и општините сами изнаоѓаат решенија за создавање безбедна и поддржувачка средина без насилство и негување на позитивно ментално здравје. Некои училишта, барајќи алтернатива за безбедност на учениците, се самоорганизираат со дежурни наставници, но тоа не само што е дополнителен товар за наставниците, туку се поставува и прашањето за нивната подготвеност, обука и овластување соодветно да дејствуваат во одредени ситуации.
Марина Ѓоргоска, директорка на ОУ „Христо Узунов“ за ТВМ вели: Училиштата, а посебно нашето училиште ОУ „Христо Узунов“ се соочуваше со големи проблеми поради влегување на надворешни лица во нашето училиште, бидејќи сме на главни улици, па поради собирање на деца кои не учат кај нас при што поголем проблем имавме во доцните и ноќни часови. Во текот на летниот период имав 10 пати пријавување во агенција за обезбедување…. кога ќе имав дојава, кога некој ќе ми посочеше дека нешто се случува во училиштето, тие од обезбедувањето за две до три минути се присутни во нашето училиште.
За прв пат оваа учебна година Агенција за обезбедување, која што е ангажирана преку соодветна тендерска постапка, ќе се грижи за безбедноста на основците и средношколците во Охрид. Во рамките на проектот „Безбедни училишта” поставен е 24 часовен видео надзор, како и патролна служба во постојана обиколка на самите објекти, но и на повик на одговорните лица во училиштата преку т.н. паник тастер да изврши интервенција во случај на потреба.
Димитар Спасески – раководител на Сектор за образование Општина Охрид вели: Од оваа учебна година Општина Охрид одлучи да започне проект „Безбедни училишта“; долги години во рамки на општината се разговара за начинот на bобезбедеување на училиштата, се бараат различни начини на кои училиштата би се обезбедиле и токму оваа година, при носењето на Буџетот за 2024 год. и самите програми, на иницијатива на советник од опозицијата беше предложен амандман, кој членовите на Совет едногласно го изгласаа и се обезбедија финансиски средства за обезбедување на училиштата. Вкупниот износ на средства за основните и средните училишта, коишто согласно договорот со економскиот оператор се предвидени, изнесуваат околу 4 милиони денари; тоа не значи дека сите средства ќе бидат искористени, туку тоа е максималниот износ на средства – 2,3 милиони се предвидени за основните и 1,7 милиони за средните училишта. Со овој пилот проект опфатени се пет основни училишта од централното градско подрачје и трите средни училишта во општина Охрид, кои што се под надлежност на општината. Се одлучивме за овој пилот проект да влезат училиштата од градската средина од причина што бевме ограничени со средства, а од друга страна поголема е концентрацијата на деца во овие училишта и сметавме дека токму тука треба да пробаме како ќе фуннкционира овај пилот проект, додава Спасески.
Целата опрема и видео надзорот, кои се инсталирани, остануваат во трајна сопственост на училиштата. Доколку на следен тендер се пријави друг економнски оператор или друга агенција, овие училишта веќе ќе имаат опрема која ќе овозможува комплетен 24- часовен видео надзор. Во врска со најавите за формирање на државна агенција за обезбедување, раководителот Спасески вели дека години наназад се најавува обезбедување во училиштата, меѓутоа до денес општина Охрид не добила никаков конкретен план како тоа ќе се одвива.
-Во однос на најавите за државна агенција за обезбедување на училишта и други јавни објекти во овој момент не сме добиле никакво официјално известување. Во секој случај доколку дојде до формирање на ваква (државна)агенција, која ќе има стручност и компетентност да ги обезбедува училиштата, ние би биле многу среќни, меѓутоа ценевме дека барем во Општина Охрид немаме повеќе време за чекање; во оној момент кога би се формирала таква агенција, кога би се оствариле најавите ние секако дека со задоволство ќе ја прифатиме таа помош од државата и нормално нема да го оптеретуваме буџетот на Општина Охрид за овие прашања.
Едно од училиштата, кое е опфатено со пилот проектот „Безбедни училишта“, е ОУ „Христо Узунов“. Директорката Марина Ѓоргоска кажува каква била состојбата изминатите години.
-Пред да бидат поставени камерите и патролите имавме големи проблеми во училиштата. Реагиравме ние како директори до градоначалникот Кирил Пецаков. Можам да кажам дека дојдовме до заедничка соработка и брза реакција од нивна страна, од страна на Општина Охрид, заедно со градоначалникот. По нашите укажувања дека сме изложени, посебно неколку училишта во градов, на несакани дејствија, од почетокот на оваа учебна година нашето училиште е целосно заштитено.
Во ова училиште, кое има најголем број на ученици во општина Охрид, изминатите години имаше физичко обезбедување додека учениците беа на училиште, па потоа имаше ноќно обезбедување, а сега со проектот е модернизирано обезбедувањете со видео надзор и патролното обезбедување. Се снимаат внатрешните делови на училиштето, ходниците нормално каде што е дозволено да има видео надзор и училишниот двор.
-Моето училиште често пати е изложено на влегување на надворешни лица кога се случувало да имаме доста оштетувања во училиштето, но во моментов сме доста заштитени со видео надзорот бидејќи и тие кои досега влегуваа знаат дека има видео надзор и доста се намалени проблемите. Во текот на денот, додека училиштето работи од 06:00-20:00 часот, додека се учeниците на настава и ние сме присутни, сметам дека со патролното обезбедување и тастерите кои ги имаме за несакани дејства е доволно.
Врсничкото насилство најчесто се случува во училиштето, за време на одморот, во училницата, во ходникот или во дворот, пред или по завршување на наставата, на патот кон училиштето или на патот до дома. Училишните дворови и игралишта се места каде децата го поминуваат своето слободно време и често се места каде што се случува насилство од страна на врсниците. Во таа насока, училиштата во Охрид организираат едукативни предавања за Превенција од различни видови насилство, како да се препознаат, како да реагираат и каде да се пријават.
*Со овој прилог ТВМ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“.