Skip to main content

Проектот Biblioteka futura – цветна библиотека реализиран во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид

Ваквите проекти ја шират дејноста на Библиотеката и преку нив се следат светските трендови во библиотекарството воопшто.
 |  инфодеск  | 

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид вчера го заокружи проектот „Biblioteka futura-цветна библиотека“ кој е дел од Годишната програма за работа финансиски поддржан Министерството за култура и туризам.

Настанот со поздравно обраќање го отвори директорката на НУ Библиотека од Охрид Христина Трпеска, која ја истакна важноста од ваквите проекти кои ја шират дејноста на Библиотеката и преку нив се следат светските трендови во библиотекарството воопшто. Присутните потоа ја проследија презентацијата на Лидија Иванова, дипломираниот шумарски инженер од Паркови и зеленило при ЈП „Охридски Комуналец“. Таа го опиша патот на цвеќето од нивниот расадник до градските паркови.

Инспиративно и интерактивно предавање на тема: „Говорот на цвеќето“ релации на хортикултурата во библиотеките помеѓу книжевноста, ботаниката, образованието, просторната архитектура и внатрешното уредување“ одржа гостинот од Белград, Мирко С. Марковиќ, библиотекар советник и експерт за посебни проекти. Марковиќ воедно е идеен творец и претседател на Регионалната хортикултурна мрежа на библиотеки во која од 2022 активно е вклучена и библиотеката од Охрид.

За „Цвеќето како мотив и инспирација во македонската книжевност и народните песни и традиции“ пред присутните зборуваше м-р Милчо Јованоски, носител на проектот. Во разработката на темата учествуваше и познатиот музичар и интерпретатор Перчо Трајаноски кој изведе неколку рефрени од македонски народни песни во кои доминираат цвеќето и љубовта.

За „Македонските библиотеки во пресрет на новото време – нови концепти на библиотечни услуги“ предавач беше м-р Јелена Петровска – советник библиотекар и координатор на македонската мрежа на хортикултурни библиотеки.Таа целото свое големо искуство собирано низ светот уште еднаш умешно, преку безброј примери го пренесе и во Охрид на присутните.

Практичниот дел од овој проект во два наврати претходно беше реализиран во Расадникот на ЈП „Охридски Комуналец“ со посета на ученици – биолози од ООУ „Св. Климент Охридски“ со нивната предметна наставничка Дивна Стрезоска. Учениците следниот ден подарените цвеќиња грижливо ги засадија во училиштниот двор.

Ученици од Подрачното училиште на ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани во Долно Коњско со нивната одделенска наставничка Лила Каранфилоска се вклучија во проектот со цртежи на тема цвеќе и изработката на впечатливи цветни експонати.

На настанот покрај библиотекари и вработени во библиотеката присуствуваа и наставници по македонски јазик, библиотекари од Охрид и библиотекари од Центар за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга.

Дел од активностите на проектот беа поддржани и од „Галеб“ Охрид и Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид.