Skip to main content

НУ Библиотека Григор Прличев

Охридската Библиотека го одбележа Светскиот ден на литературата за деца

Детската книга „Тапшин танана“ промовирана пред бројна публика во Охрид
 |  инфодеск  | 

Со промоција на приказните за деца „Тапшин танана“ од Божана Атанасова денеска НУ Библиотека „Григор Прличев“ се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на литературата за деца.

-Овој ден е посветен на магијата на зборот, на бајките што нè водат во светови полни со фантазија, добрина и поука, и на сите автори кои со својата имагинација го збогатуваат детството. Литературата за деца има посебна вредност – таа не само што забавува, туку и воспитува, учи и инспирира. Преку бајките, децата ги откриваат разликите помеѓу доброто и злото, учат за храброст, пријателство, љубов и правда, изјави Христина Трпеска, директор на Библиотеката.

Роднокрајната авторка Божана Атанасова е родена 1944 година во село Лактиње и по струка е медицинска сестра во пензија. Автор е на книгите „Митуш“ ( 2013) , „Водици“ ( 2016) , „Талкачи по виножитото“ ( 2016), „Во приквечерината“ ( 2021) и „Низ прозорецот“ издадена 2022 година.  Тоа значи дека има долг пишувачки стаж, но далеку од очите на медиумите и јавноста. Иако најголемиот дел од книгите на еден или друг начин допреле до охриѓани а и пошироко.

Приказни од книгата „Тапшин танана“ читаше библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска, а беше прочитана и светската порака во чест на денот на книгите за деца годинава напишана од авторка од Кипар.

Пред бројната публика почитувачи и пријатели на авторката на промоцијата присуствуваа и над 30 ученици од подрачното училиште „Григор Прличев“ во населбата Рача. Свој настап имаа и младите интерпретаторки Анамарија Нестор и Стефани Крстаноски кои отпеаа песни од минатогодишното „Распеано рибарче“.